ТВ „Клан“: Алијанса влегува во Владата, партијата се договорила за министерствата кои ќе ги предводи

Фото: Колаж на „Слободен печат“

Неофицијално, постигнат е договор меѓу Алијансата за Албанците и владините претставници за влез на партијата во Владата, објави доцна попладнево ТВ „Клан“, повикувајќи се на извори во АА.

Според овие извори, Алијанса се договорила нејзини кадри да ги предводат Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, а таа евентуално може да го добие и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

Дополнително, според истите извори, партијата ќе добие и 30 директорски места во државни институции.

Гласините за проширување на владината коалиција почнаа да се шират пред неколку недели. Минатата недела, в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, се сретна со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, но и двајцата по средбата тврдеа дека не разговарале за влез на партијата во власта. По средбата, се појавија и информации дека Таравари и Ковачевски по средбата отишле на средба со Али Ахмети во неговото родно село Зајас, што АА подоцна го демантира. Ахмети, пак, призна дека имало средби со претставници на партијата за нејзин евентуален влез во Владата.

АА има осуммина пратеници во Собранието, кои доколку партијата влезе во власта, ќе го засилат владејачкото парламентарно мнозинство, во ситуација кога власта се обидува да добие поддршка од 81 пратеник за двотретинското мнозинство, потребно за најавените уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот