Тужба пред француската правда за хемиски напад со сарин во Сирија во август во 2013 година

Фото: EPA/MOHAMMED BADRA

Француско-сириска невладина организација поднесе две претставки против режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Организацијата собра докази кои покажуваат дека сириската Влада фрлила гас сарин врз сопственото население пред седум години, јави дописникот на МИА.

Според Франс Интер, претставките се однесуваат на хемиските напади извршени врз сириското население во август во 2013 година од режимот на Башар ал Асад. Тужбите се со обвинение за „воено злосторство” и „злосторство против човештвото” и се поднесени од француско-сириската невладина организација „Сириски центар за медиуми и слобода на изразување”.

Страшните слики од овие напади, на кои се гледа како деца, жени и мажи умираат откако биле жртви на напад со гас сарин, кружеа во тоа време на социјалните мрежи. Денес тие го заземаат местото на физички докази.

– Како една од најстарите организации во Сирија, имаме голема мрежа. Но, некои од моите колеги платија со своите животи во потрагата по докази, некои беа мачени до смрт, сведочи за Франс Интер Мазен Дарвиш, адвокат – бегалец во Франција и директор на Сирискиот центар за медиуми и слобода на изразување. Оваа тужба е нивно наследство, тоа е она што ни го дадоа за да ја продолжиме борбата за правда, додава тој.

Тужбата за воени злосторства и злосторства против човештвото, поднесена седум години по делата, е поткрепена и со сведочењата на дваесетина преживеани, кои избегаа од режимот на Башар ал-Асад.

– Овие луѓе го раскажуваат ужасот. Тие раскажуваат за специфични ракети, лансирани во текот на ноќта или во зорите, бидејќи температурите се постудени: ова им овозможува на нервните агенси и гасот да останат подолго концентрирани и да влезат во домовите, објасни за Франс Интер, адвокатката, Клеманс Вит. 

– Она што го очекуваме од француската правда, е да се овозможи да се дознае вистината. И со признавање на статусот на жртвите и со истовремено расветлување на синџирот на команда и одговорности на сириската влада, продолжува адвокатот.

Француската правда, според својата вонтериторијална надлежност, сега мора да донесе одлука за понатамошното следење на оваа тужба од Сирискиот центар за медиуми и слобода на изразување. Покрај тоа, слична постапка е веќе во тек пред германските судови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот