Турското МНР: Резолуцијата на ЕП која бара повлекување на турските војници од Кипар нема врска со реалноста

Резолуцијата на Европскиот парламент со која се повикува Турција да ги повлече своите војници од Кипар „нема врска со реалноста”, соопшти денеска турското Министерство за надворешни работи, отфрлајќи ја, како што соопшти, „уцената”, јави ДПА.

„Турција ќе продолжи решително да ги штити и нејзините сопствени и правата на кипарските Турци, без да потклекне на каква било закана и уцена”, се наведува во соопштението на турското МНР.

„Анкара е се уште подготвена за дијалог и преговори”, се додава оттаму, пренесува германската агенција.

Европскиот парламент вчера соопшти дека Турција треба да ја смени одлуката за делумно отворање на населбата Вароша, на северот од островот, барајќи таа да им се врати на „нејзините вистински жители”.

Кипар од 1974 година, по грчкиот воен удар и турската воена интервенција што следеше, е поделен на северен турски и јужен грчки дел од островот. Турската Република Северен Кипар е призната само од Турција, додека Република Кипар е членка на ЕУ од 2004 година.

Северен Кипар неодамна повторно делумно ја отвори населбата Вароша во Фамагуста, која беше затворена повеќе од 40 години и првично беше населена со грчки локални жители.

Резолуцијата на ЕП е најнов пример на напорите за „земање заложници” во односите меѓу Турција и ЕУ за кипарското прашање, се додава во турското соопштение, пренесено од ДПА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот