Турскиот парламент даде „изим“ Финска да влезе во НАТО, Шведска ќе почека

Апликациите на Шведска и Финска за членство во НАТО/ Фото EPN / Newscom / Profimedia

Турскиот парламент вечерва го ратификуваше протоколот за приклучување на Финска кон Северноатлантската алијанса, со што е отстранета последната пречка оваа земја да стане НАТО-членка додека беснее војна во Украина, јавија светските медиуми.

„За ратификација на протоколот за пристапување на Финска во НАТО – 276 гласа, предлогот е прифатен. Честитки за Финска и нејзините граѓани“, изјави заменик-претседателот на парламентот Хајдар Акар.

Гласањето го поздрави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Турција беше последната од 30-те членки на Алијансата што го ратификуваше членството на Финска, откако унгарскиот законодавен дом го стори тоа неделава. Македонското Собрание протоколот го ратификува уште лани во јули.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган неодамна изјави дека Финска ја обезбедила наклонетоста на Турција откако „презела конкретни чекори за одржување на ветувањата за сузбивање на групите“ составени од турски иселеници кои Анкара ги смета за терористички.

Финска и Шведска поднесоа барање за приклучување кон трансатлантскиот воен сојуз лани, како реакција на руската инвазија на Украина, но процесот беше блокиран од Турција и Унгарија. Парламентите на сите земји-членки на НАТО мора да ги ратификуваат новите членки.

Анкара и натаму го одложува одобрувањето на кандидатурата на Шведска. Власта на Ердоган наведува дека земјата не направила доволно за сузбивање на, според официјална Турција „терористичките“ групи, главно поврзани со курдските организации или со Фето, движењето на прогонетиот политички непријател на Ердоган, Фетула Ѓулен, кој живее во САД.

Шведските власти денеска оти има мали шанси земјата да му се приклучи на воениот блок на самитот во Вилнус во јули.

Столтенберг: Шведска ги исполни турските услови за членство во НАТО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот