Туристичката сезона ќе се спасува со или без ПЦР тест

epa
Плажа, Фото. EPA-EFE/Alonso Cupul

Спротивно на шпекулациите, грците не прават разлика со која вакцина сте вакцинирани

Туристичката сезона во најголемите туристички земји во регионот се уште зависи од моменталната состојба со пандемијата предизвикана од ковид-19. Сепак, со цел да спасат колку што е можно повеќе од сезоната, дел од земјите кои излегуваат на море како Албанија и Црна Гора, се охрабрија и дозволија влез на туристи без никакви ограничувања.

Летово ќе може да се сонча и на плажите во Турција, Хрватска и Грција, но влезот во државите е со приложување на негативен ПЦР тест или потврда за примени вакцини.

Во моментов во Грција може да се влезе ако поседувате сертификат за вакцинација против ковид-19, сертификат за антитела на ковид-19 или негативен ПЦР тест (не постар од 72 часа пред патувањето). Видовите на вакцини што ќе бидат прифатени како валидни од Р. Грција сè уште не се објавени.

Од туристичката агенција „Ескејсп травел“ за „Слободен печат“ информираат дека непречено се организираат патувања за Турција, но до 31 мај на сила е одлуката за неопходен негативен ПЦР тест за влез во државата. Од таму исто така информираат дека никој досега на граничниот премин Евзони за влез во Грција не направил разлика со која вакцина се вакцинирани патниците.

– Откако пред една недела Грција ја отвори границата за влез на туристи од Македонија, никој не се пожалил дека е вратен од граница затоа што имал примено на пример руска или кинеска вакцина. Ние веќе имаме реализирано туристички тури, и не сме имале никаков проблем за влез во државата. Секако, мора да се испочитуваат правилата, да се поседува потврда за имунизација, која важи за сите патници постари од 5 години, и да се направи најава за влез во земјата најмалку 24 часа пред пристигнување на граница, велат од агенцијата.

Хрватска е отворена за туристи кои имаат негативен ПЦР тест не постар од 48 часа, антигенски тест кој е на листата одобрени од ЕУ, потврда дека во последните три месеци прележале коронавирус или да поминало 14 дена од вакцинирањето со втората доза од вакцината, а тие правила ќе важат и за време на летната сезона, соопштуваат од Министерството за туризам и спорт на Хрватска.

-Важно е Хрватска да биде отворена за туристи, да може да доаѓаат оние кои се здрави и притоа да можат сигурно да престојуваат во сместувачките објекти, како и да им овозможиме да знаат каде можат да се тестираат за враќање на дестинацијата. Важно е и нашите туристички работници да бидат вакцинирани, се наведува од ова министерство.

Во Министерството за туризам наведуваат и дека се работи на тоа да се осигураат мобилни тимови за вакцинирање на туристите.

Веќе 6.500 објекти од приватното сместување побарале ознака за безбеден престој (Safe stay in Croatia). За да ја добијат таа ознака, мора да исполнуваат одредени критериуми, меѓу кои и оној од приватните сместувања се бара на гостите да им се даде безбедносен комплет кој содржи ракавици, маска и дезинфекционо средство. Тој комплет може да биде наплатен, но и не мора.

Турција почнувајќи од 11 јуни ги укинува сите ограничувања и  рестрикции кои како резултат на пандемијата на ковид -19 беа воведени за странските државјани во врска со нивниот влез/излез и транзит до/од и преку Република Турција (забраната се’ уште останува за копнената граница со Иран).

Странските државјани кои влегуват во Турција ќе бидат подложени на здравствена проверка, а на оние кои покажуваат симптоми на КОВИД-19 ќе им биде направен бесплатен PCR тест на граничениот премин. Доколку тестот е позитивен странските државјани ќе бидат хоспитализирани во Република Турција (процедурата за хоспитализацијата ќе биде спроведена на лице место со помош на преставници на Министерството за здравство на РТ).

Во Турција, нема ограничување за транзит на странските државјани. Исто така процедурите за престој (привремен/долготраен престој) на странски државјани продолжуваат да бидат нормални без ограничувања/рестрикции.

Македонските државјани ко не биле во можност да излезат од Турција поради  различни причини поврзани со коронавирусот, а кои поминале над 90 дена престој во Турција, потребно е да ја напуштат Турција најдоцна до 10 јули, (односно за време од еден месец пресметано од датумот кога се отворени границите на Република Турција).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот