Турист од Америка кршел во музеј во Ватикан, се налутил зашто не го пуштиле да го види папата

Фото: Твитер

Еден турист денеска влетал во музеј во Ватикан и соборил две бисти од античкиот римски период, а вработените го запреле пред да направи поголема штета, јавија италијанските медиуми.

Истрагата е во тек, а според првичните информации, човекот имал околу 50 години и „се однесувал чудно“. Медиумите пишуваат дека тој соборил две бисти од нивните постаменти во салата „Кјарамонти“ на музејот, која содржи повеќе од 1.000 уметнички дела и е една од најважните збирки на римски бисти. Се додава дека вработените во музејот брзо го задржале човекот, а ватиканската полиција неколку минути подоцна пристигнала и го уапсила.

Според италијанските портали, насилникот е турист, Американец кој наводно ги урнал бистите поради тоа што не му било дозволено да го види папата Франциск.

Бистите се оштетени, но не сериозно, изјавил изворот, додавајќи дека тие веќе се однесени во лабораторијата за реставрација на поправка. На фотографиите направени од посетители и објавени на социјалните мрежи, се гледаат двете скршени бисти кои лежат на мермерниот под.

Се потсетува дека најозлогласениот напад на уметнички дела во Ватикан се случил во 1972 година, кога извесен Унгарец го прескокнал страничниот олтар во базиликата Свети Петар и со чекан ја удрил статуата „Пиета“ на Микеланџело, при што ѝ ја оштетил левата рака и ги откинал нејзиниот нос и превез, и оттогаш ова ренесансно ремек-дело е зад непробојното стакло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот