Турција под закана од суша

epa08943387 Tourists walk on the Galata Bridge on a snowy day during the lockdown in Istanbul, Turkey, 17 January 2021. Turkey imposed curfews on weekdays after 9pm and full weekend lockdowns with the exception of tourists to combat the spread of coronavirus, after a recent spike in Covid-19 infections and related deaths. EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU

За сериозноста на овој проблем минатата недела предупреди и НАСА која објави мапа на која беше прикажана состојбата на подземните резерви на вода на Турција почнувајќи од 11 јануари годинава, кои, според податоците на официјалниот сајт на агенцијата, се наоѓаат под просечното ниво во поголемиот дел на земјата

Турција минатата година помина низ сув период и доколку и годинава ја помине со недоволно врнежи ќе се соочи со сериозна закана од суша. Бидејќи се наоѓа во појасот на полусува клима, земјата повремено минува низ периоди со намалени врнежи и зголемени температури. Но најновите податоци говорат дека речиси во секој од последните месеци на 2020 година количеството на врнежи во земјата било под просечното ниво.

За сериозноста на овој проблем минатата недела предупреди и НАСА  која објави мапа на која беше прикажана состојбата на подземните резерви на вода на Турција почнувајќи од 11 јануари годинава, кои, според податоците на официјалниот сајт на агенцијата, се наоѓаат под просечното ниво во поголемиот дел на земјата. Состојбата на исполнетост на браните и подземните водни резерви оваа агенција ја пресмета преку сателитите „Гравити“ (Gravity Recovery) и „Клајмат експеримент“ (Climate Experiment Follow On) и објави дека исполнетоста на браните во многу градови во Турција е на критично ниво. Во недостаток на редовни врнежи ќе се јави опасност и во производството во земјоделието, се предупредува во соопштението на НАСА, пренесуваат турските медиуми.

Дали Истанбул ќе остане без вода? Ова е горливото прашање кое ги интересира не само жителите на овој повеќемилионски град туку и цела Турција бидејќи тука чука срцето на земјата. Поради сушната година, во мегалополисот Истанбул нивото на исполнетост на браните се спушти до под 20 отсто, што е најниско ниво во последните 15 години. На мониторите на градското метро веќе извесно време се врти видео со кое се укажува на начините на смалување на потрошувачката на вода во домаќинствата. Генералниот директор на ИСКИ (Управата за водовод и канализација на Истанбул), Раиф Мермутлу, ја смирува јавноста велејќи „Истанбул нема да го оставиме без вода“. Претседателот на здружението за политики за снабдување со вода, Дурсун Јилд’з, пак, тврди дека главната опасност која му се заканува на Истанбул не е оскудица од вода, туку влошување на квалитетот на водата. Доколку Истанбул почне да се снабдува со вода од реката Сакарја, тогаш таа вода може да создаде проблем за градот – истакнува Јилд’з.

Иако последните врнежи на снег и дожд со кои, според податоците на ИСКИ нивото на исполнетост на браните се покачи на околу 30 отсто, почнаа да влеваат надеж, проблемот со сушата останува сериозен проблем за земјата бидејќи хидролошката суша влијае и врз снабдувањето со електрична енергија. Здружението за политики за снабдување со вода подготви Извештај за суша и хидроенергија во земјата во кој подвлекува дека сушата се заканува и на хидроелектричните централи.

Од друга страна, за намалување на проблемите кои можат да искрснат поради сувата клима, Министерството за екологија и урбанизам на Турција минатата недела направи измени во Правилникот за урбанизација на планирани простори со кои е донесена обврска новите градби кои ќе се подигнат на парцели поголеми од 2.000 квадратни метри да изградат систем за акумулација на дождовната вода од покривот на новоградбата во депоа кои ќе се постават под нивото на дворот на градбата. Целта е дождовната вода да се користи за наводнување на парковите пред зградите или, доколку се прочисти, и за другите потреби на станарите.

Министерството за земјоделие и шумарство веќе води проекти за решавање на проблемот со подземните води во земјата. Директорот на Управата за државни води, геотехнички услуги и подземни води, Адем Сомер, нагласува дека со завршување на сите 100 проекти за подземни брани и објекти за вештачко напојување со подземни води ширум земјата до 2023 година се цели обезбедување на резерви вода од 40 милиони кубни метри, обезбедување вода за пиење за 600.000 луѓе, наводнување на 60.000 декари земјоделски простор и приход од 45 милиони турски лири  (околу 5 милиони евра). Првиот проект за вештачко напојување со подземни води на Турција кој се наоѓа во близина на градот Измир на турскиот Егеј, веќе е ставен во функција. Заклучно со 2020 година се завршени 16 од планираните проекти. Со овие проекти дождовната вода нема да истекува напразно туку ќе се акумулира во подземни брани и ќе се употребува за наводнување и за пиење. Овие проекти се важни затоа што се спречува губење на водата со испарување или влевање во море посебно во Егејскиот регион кој е потешко погоден од сушата – истакнува Сомер.

Специјално за „Слободен печат“ од Истанбул Асуде Абдул Кочан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот