Турција и Египет годинава поатрактивни за летување

Анталија во Турција и Хургада во Египет годинава се топ-дестинациите што во летниот период ќе ги посетат македонските граѓани. Интересот за Грција е помал и традиционално се бараат апартмани или хотели од понизок ранг.

Туристичките агенции со кои контактираше МИА велат дека годинава за 20 до 30 проценти е поголем интересот за одење на одмор во Анталија и во Хургада поради тоа што аранжманите се движат од 400 евра нагоре, а во нив е вклучено сместување во хотел со четири или пет ѕвездички на база „all inclusive” со вклучен авионски превоз, а исто толкави се и цените на аранжманите во Грција за хотели со три ѕвездички на база полупансион.

Така, на располагање во екот на летната сезона граѓаните имаат пакет-аранжмани од околу 400 евра за Белек, Кемер или Сиде во Турција во кои е вклучено хотелско сместување со четири ѕвездички, директен чартер-лет, авионски такси и трансфер до хотелот. Слични се цените и за Хургада во Египет, каде што за нешто над 400 евра се нуди сместување по лице во хотел со четири или пет ѕвездички со вклучен авионски превоз. Агенциите нудат и поволности за деца до 13 години.

– Интересот за Турција и за Египет е зголемен во однос на Грција бидејќи добивате пакет-аранжман во кој е вклучено сместување во хотел на база „all inclusive” и чартер-лет, а во Грција за истата цена добивате сместување во хотел на база полупансион, велат од туристичката агенција „Савана”.

Зголемен интерес за летување во Турција и Египет бележат и во туристичката агенција „Аурора”.

– Годинава има доста чартер-летови за Анталија и за Египет. Интересот за Грција е помал. За Египет имате пакет-аранжмани по 300 – 400 евра за лице на база „all inclusive” во хотел со четири или пет ѕвезди со вклучен авионски превоз, а во Грција за 300 – 400 евра добивате хотел со три ѕвезди на база полупансион. Во Грција досега се одеше бидејќи е поблиску. Сега веќе условите се променија. Има многу чартер-летови и голема понуда за Египет и за Турција, вели Славе Сирачевски, директор на „Аурора”.

Интересно е што годинава малку се зголемени цените за Турција, но, како што посочуваат од агенциите, има интерес бидејќи цените сè уште се примамливи за македонските граѓани.

Во Грција традиционално најбарани се туристичките места на Касандра и на Ситонија, додека на островите може да се најдат и аранжмани по пониски цени. Сместување на Касандра и на Ситонија во хотел со три ѕвезди на база полупансион во јули чини од 350 до 400 евра во зависност од понудата. И во оваа држава годинава се бележи зголемување на цените на аранжманите за разлика од лани.

Од другите држави атрактивни за летување се и Шпанија, Црна Гора и Хрватска, а од екслузивните аранжмани најбарани се Малдиви, Бали и Куба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот