Турција бара „конкретна” акција за договорот за мигрантите и безвизниот режим со ЕУ
Европската унија треба да преземе „конкретни и конструктивни” чекори во врска со долго разгледуваните прашања, како што се обновување на договорот за мигрантите и разгледување на визната либерализација, соопшти денеска Турција, пренесе ДПА.
Лидерите на ЕУ вчера изјавија дека се подготвени да ја зајакнат трговијата со официјална Анкара и со неа да го продолжат миграцискиот договор од 2016 година , но се заканија со санкции доколку Турција продолжи со „илегалното” истражување на енергенси во источниот Медитеран.
По состаокот на Европскиот совет во јуни Европската Унијата ќе донесе дополнителни одлуки за овие две парашања, соопштија вчера од Брисел, пренесе ДПА.
Анкара се надева дека поставувањето предуслови и „решавањето само на одредени области и нивно одложување до јуни нема да доведе до губење на позитивниот импулс (со ЕУ)”, наведе доцна синоќа турското Министерство за надворешни работи.
ЕУ „нема овластување” да ги означува турските активности за дупчење во Источен Медитеран како илегални, се наведува во соопштениете на турското МНР.
Анкара, се додава во соопштението на МНР, се уште „ги поздравува напорите направени во извештајот за подобрување на односите Турција-ЕУ врз основа на позитивна агенда”.