Турбофолк за почетници

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Дома никој не може да ви забрани да правите што сакате. Ако сакате слушајте ја Цеца, панк, хевиметал, Бетовен, Моцарт. Никој не ви брани и не ви кажува дома како да ги воспитувате децата. Но, во училиштата и во градинките постојат норми и правила на однесување и воспитување.

Револтиран родител испрати видео во редакцијата на „Слободен печат“ на кое се гледа како петгодишни деца во градинка играат на турбофолк песни, а воспитувачката им вика да пеат сите, инаку, во спротивно, ќе им ја исклучи песната. Сироти дечиња, играат, скокаат, ништо не разбираат. Но, се знае како е, учителката е закон.

Родителот ни рече дека ќе се онесвестел кога видел каква музика им пуштаат на децата и тоа во градинка, во воспитно-образовна институција која работи според одредена програма која вклучува образование и воспитание на деца од претшколска возраст. Видеото предизвика лавина коментари и реакции на социјалните мрежи. Ставовите беа поделени. Едни ја критикуваа воспитувачката, други ја правдаа. Па, деца биле, што има врска каква музика слушале, остајте ги да се забавуваат.

Се прашувам, каде ни исчезна културата во општеството, како станавме вака инфериорни во однос на она што ни се случува секојдневно? Луѓето молчат и не реагираат на неправди и погрешни потези на оние кои треба да ни бидат пример. Замислете, дојдовме дотаму да коментираме – „решија се во државава, па остана уште да се секираме каква музика слушаат децата“. Да, треба да се загрижиме. Културата на еден човек се гради од најмали нозе. Зарем треба да ги оставиме децата да прават што сакаат и оние кои ни ги воспитуваат да ги обликуваат според нивните домашни норми и правила? Сте слушнале ли за општествени норми и правила на однесување?

Дома никој не може да ви забрани да правите што сакате (иако ни таму не би требало да можете да правите баш се што сакате со децата). Ако сакате слушајте ја Цеца, ако сакате слушајте панк, хевиметал, Бетовен, Моцарт. Можете децата и во кафеани да ги носите, да ги качувате по маси да играат на турбофолк песни. Никој не ви брани и не ви кажува дома како да ги воспитувате. Но, во училиштата и во градинките постојат норми и правила на однесување и воспитување. Постојат културни вредности на кои децата треба од мали да се учат. Зарем малку има детски песни на кои можат да играат и да се забавуваат?

Родителите чиишто деца се кршеа на тој турбофолк кичерај, наместо да реагираат, тие се затрчаа да ја правдаат учителката дека исполнувала детски желби. Замислете сите наставници и професори во државава да почнат детски желби да исполнуваат. Каде ќе ни отиде општеството? Какви генерации ќе создадеме?

И јас како родител сум се соочувала со вакви или со слични ситуации. Но, не сум молчела, сум се бунела. Во една ситуација, кога имаше претседателски избори, воспитувачката во градинка, замислете, им рекла да кренат рака оние чии родители гласале за Ѓорге Иванов, а потоа и оние што гласале за Стево Пендаровски. Ќерка ми дома дојде разочарана затоа што за некој од кандидатите кренале рака само таа и уште едно девојче. Тоа за неа беше шок. Мене ми беше шок што воспитувачката си дозволила да прашува петгодишни деца за кого гласале родителите. Веднаш отидов кај неа, а нејзиното оправдување знаете кое беше? Па, тие сами доаѓаат и ми кажуваат кој за кого гласал. Тие се знаат, што има врска ако сум ги прашала(!?). Да, има врска и тоа каква. Вие сте образовна институција, не политичка партија што треба да им ги полни главите со политика. Ја прашав дали можеби им објаснила што се избори, како се избира претседател во една демократска држава, што е тоа тајно гласање? Не, секако. На тоа не ѝ текнало.

Министерството за труд и социјална политика веднаш реагираше за видеото со децата што играат на турбофолк песни и најави дека ќе испрати вонредна инспекција во градинката. Ваквиот потег е за поздравување. Вакви инспекции треба почесто да има. Да се проверува што учат, што гледаат и што слушаат децата во градинка. Дали гледаат цртани филмови или турски серии, дали слушаат турбофолк или детски песни. А родителите не треба да молчат и ненормалното да го прифаќаат како нормално. Треба да го кренат својот глас и да кажат стоп. Сепак се работи за (наши) деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот