Турата за деца „Скопска авантура“ ќе се одржи на 26 јули

Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ ќе биде лајтмотив за необична обиколка низ градот Скопје на 26 јули оваа година. Книгата, за која илустрациите ги направи Марко Јанев, е со поднаслов „Возбудлива потрага низ историјата на Отоманското Скопје“ и точно ги одредува правците на движење во рамките на турата насловена „Скопска авантура“. Зборно место за почетокот на турата е пред Триумфалната капија во 9 часот претпладне.

– На нашата обиколка на „Мистериозниот град под калето“ го покануваме секој кој сака да патува во времето. Временската машина е самата книга, а наши водичи се Александра Тодоровиќ и јунаците кои живеат во нејзината книга. Заедно со нив ќе се качиме во автобусот на Триумфалната капија и ќе се упатиме на Кале. Оттука ќе одиме во Мустафа-пашина џамија и црквата „Св. Спас“. За сè да биде позабавно, ни треба мал одмор во Старата скопска чаршија за да се напиеме лимонада и да пробаме од вкусните бонбони во најпознатата продавница за слатки.

На ред ќе дојдат и Чифте амам и Сули ан, а во меѓувреме не само слатките, туку и игрите чекаат на нас! Иако патуваме назад во годините – игрите си постоеле отсекогаш! Се впуштаме во забавна авантура каква што досега немало. Барем така мислиме. Можеби имало во минатото. За да знаеме што се случувало некогаш, мора тоа да го доживееме сега! Затоа дојдете во понеделник на нашата скопска тура! – стои во поканата на организаторите на турата „Скопска авантура“.

Видео на денот