Тур-операторите и годинава ќе земат пари од државата, но треба да го исполнат овој услов!

фото: МИА

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот денеска во Охрид пред домашните тур-оператори ги презентираше начините за поднесување барање за субвенции.

Директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски во обраќањето пред нив нагласи дека има доволен буџет за исплата на сите поднесени субвенции. Минатата година за таа намена биле потрошени 77 милиони денари.

– Субвенциите редовно се исплаќаат, буџетски средства има. Во 2018 година најавив дека во координација со сите субјекти во туризмот треба да создадеме нов систем на сувенционирање, кој ќе помогне и дополнително ќе го зајакне македонскиот туристички сектор. Лични мои предлози се измени во исплатата според категоризацијата на сместувањето, преку зголемување просечниот престој во земјата, зависно дали туристи се носат во или надвор од сезона… Се надевам дека во таа насока ќе бидат и елементите кога се во прашање изедначувањата на одредени пазари – рече тој, притоа уверувајќи ги претставниците на тур-операторите дека секој субјект што има поднесено исправна и целосна документација за субвенционирање ќе добие помош од државата.

Инаку, Јаневски ја искористи можноста да посочи дека спроведената ревизија во работата на Агенцијата и активностите овозможиле зголемено субвенционирање во 2018 година, кога се исплатени 33 проценти повеќе средства споредбено со 2017.

„Во 2018 година се исплатени и сите заостанати субвенции за 2016 и 2017 година. И оваа година се исплаќаат субвенциите редовно, исплатени се десет проценти од средствата предвидени за тековната година, а исплатата ќе продолжи после завршувањето на изборниот процес“, рече тој.

Тур-операторите од своја страна признаваат дека субвенциите што ги дава државата за поддршка на туризмот придонесуваат за покачување на туристичкиот промет, со најмногу забелешки дека се соочуваат со одредени технички проблеми, меѓу кои толкувањето на правилникот, како и некои нелогичности.

– Субвенциите се исплаќаат редовно, но има одредени законски толкувања што пречат, оттаму потребата од измени во легислативата и начинот на определувањето на субвенционирањето – изјави Асим Челик од туристичка агенција „Охрид холидејс” што е македонскиот партнер на „ТУИ”.

Според досегашната практика, за секој турист од странство донесен со авионски превоз преку тур-операторите државата преку субвенции плаќа по 65 евра. Проблемот, според тур-операторите е тоа што таа субвенција за гости кои престојуваат во хотел од висока категорија можеби не е многу, но за приватно сместување каде цената на сместување е пониска од самата субвенција укажува на нелогичност.

Инаку, податоците на „Евростат” покажуваат дека Република Северна Македонија минатата година бележи највисоко ниво на зголемување на вкупниот број ноќевања на европско ниво и тоа за 22,1 отсто, како и оти за прв пат после девет години се зголемил и просечниот престој на туристите во земјата.

„Тоа многу значи, тоа се рефлектира со зголемување на девизниот прилив за 16,7 отсто споредбено со 2017 година, односно 381,5 милиони долари“, истакна Јаневски. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот