Тупураинен: Случајот „Рекет“ е тест за правната држава

Фото: Миа

Финска како актуелен претседавач со ЕУ дава поддршка за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и очекуваме тоа да се случи во октомври, изјави денеска финската министерка за надворешни работи Тути Тупураинен на заедничката прес-конференција во Хелсинки со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

– Оптимисти сме дека ако биде исполнета агендата, во октомври ќе биде донесена одлука за старт на преговорите. Сметаме дека нема причина за натамошно одложување, рече Тупураинен.

Прашана дали актуелниот случај „Рекет” може да влијае на одлуката, таа одговори дека не би требало, но оти постапувањето по него е тест за државата.

– Овој случај е тест за правната држава и владеењето на правото во Северна Македонија. Последниот извештај на ЕК покажа дека има прогрес во оваа област и тоа сега треба да се покаже на дело. Очекуваме објективна истрага и никој да не биде ставен над законот, порача Тупараинен

Вицепремиерот Османи, од своја страна, истакна дека земјата е посветена на интеграцијата во ЕУ и НАТО и оти никаков предизвик тоа нема да го смени.

Тој искажа благодарност на Финска за поддршката за интеграцијата во ЕУ и за отворање на преговорите за членство во октомври годинава.

Османи потенцира и дека одлагањето на доделувањето датумот за почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ во јуни, беше поради технички причини и нагласи дека очекува во октомври Европскиот совет да донесе решение за старт на преговорите.

Според него, добивањето на датум за време на сегашното финско претседавање со ЕУ би имало и симболика, имајќи предвид дека првата препорака за почеток на преговорите за членство на земјава во Унијата, Европската комисија ја даде за време на претходното претседавање на Финска со Унијата.

Османи нагласи дека и покрај последниот извештај на Европската комисија, кој го оцени како најповолен досега, Северна Македонија не смее да дозволи ни најмали причини, кои на некоја членка на ЕУ би и биле повод за барање на одлагање на доделувањето датум. Затоа, потенцира Османи, работиме со сите земји членки на ЕУ за да избегнеме таквата можност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот