Тупанчевски: Разликата меѓу „добрите“ и „лошите“ во правосудството треба да се прави преку постоечките закони

Кривичен суд/Фото: Драган Митрески

Идејата за реформски процес преку „прочистување” на судството станува сѐ поактуелна и со очекување дека преку неа би можеле да се остварат брзи промени во правосудството. Но, во врска со ова се поставуваат прашањата поврзани со методологијата на нејзиното реализирање т.е. прашање за временскиот период која таа ќе го опфати, критериум за избор на лицата и нивното доследно спроведување, инстанците кои тоа ќе го реализираат и други организациски прашања.

За ова се дебатираше на денешната Втора сесија на Работната група 3 (Правосудство и основни права – Поглавје 23) од Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Реформските идеи за прочистување на правосудството низ призма на постојните механизми”, на која учествуваа експерти за темата од земјава и странство.

Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека методологијата за прочистување или филтрирање на судството и обвинителството е во завршна фаза и наскоро ќе биде објавена, додавајќи дека целта на Владата е да даде фокус на реформите чија цел е да обезбедат владеење на правото, зајакнување на одговорноста, транспарентноста, независноста и етичноста во правосудството…

-Во исчекување на стартот на преговорите потребно ни е да работиме со полна пареа на изградба на потребниот капацитет на правосудниот систем, за да го имплементира европското законодавство во сите поглавја. Со спроведувањето на суштински реформи во правосудството од изминатиот период, на чекор сме кон еден брз и ефикасен систем за објективна проверка на работата на судиите и на јавните обвинители, и враќање на довербата на јавноста во тој општествен сегмент кој подолги години е на едно незавидно ниво, рече Маричиќ.

Посочи дека тоа се наоѓа и во програмата за работа на Министерството за правда, каде се посочуваат три клучни елементи – давање надлежност на мандатната комисија за борба против корупција да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Вториот е, посочи, спроведување детална проверка на работата на судиите и јавните обвинители, од страна на веќе постоечките одговорни тела – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители согласно новите зкаони донесени во 2019, и паралелно со тоа зајакнување на кадровските капацитети и финансиската независност на правосудството, со етапно зголемување на буџетот за правосудство секоја година, се додека не се достигне во наредните три години законското ниво на финансирање.

-Мислам дека веќе имаме доволно механизми. Ставот на Министерството е дека независноста и непристрасноста на судството треба да бидат постигнати исклучиво преку постоечките механизми, тела и законски решенија, и оттука по добивањето на критериумите за спроведување на процесот истите ќе бидат ставени на разгледување и одобрување на Советот за реформи во правосудството. Не ни е целта да формираме нови тела, комисии за прочистување, туку постоечките механизми да ги направиме ефикасни, функционални и ставени во еден определен временски план, додаде Маричиќ.

Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европското движење истакна дека како што е познато, со Поглавјето 23 почнуваат и завршуваат преговорите, меѓутоа, посочи кластерскиот пристап во новата методологија, во која поглавјата се поврзани на функионален начин, треба да постигне поголема синхронизација во реформскиот процес, како и да ја зголеми политичката одговорност во поглед на постигнатите резултати.

-Првиот кластер во кој припаѓаат Поглавјата 23 и 24, се надополнува со поглавјето што ќе обезбеди соодветен механизам за финансиска контрола, статистички алатки за следење на процесите и реформите и адекватна контрола на јавните набавки. Од успешноста на реформите во овој кластер ќе зависи успешноста и напредокот во сите други кластери. Целта е да се зајакне и да се направи функционална правната држава, рече Ѓуровска.

Никола Тупанчевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први”, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” Скопје, смета дека терминиот „прочистување” не е најсоодветен. Вели дека сега треба да се прави дисктинкција меѓу „добрите” и „лошите” во правосудниот систем, со она што во моментов како законски пропис го имаме, и со постојните тела.

-Министерството за правда вети дека во првите сто дена ќе биде изградена одредена методологија, односно дека ќе биде започнато прочистувањето на правосудството, пред се се мисли на јавните обвинители, и на судиите во Македонија. Така што остануваат уште две недели за некаква реорганизација да се почне барем иницијално со она што беше ветено. Македонија на легислативен план може да се пофали, но не смее во однос на својата хармонизација да не го исполни она што е најново, тоа е новиот Закон за јавно обвинителство што стапи во сила на 30 јуни. Претходно, да не заборавиме беше донесен Законот за судски совет, во тој пакет на нови прописи беше и антикорупцискиот закон. Така што еден пакет како основа за реформи е овој. Но, што се случи – во Законот за јавно обвинителство беше назначено дека освен законот, ќе бидат исполнети и други подзаконски акти. Тоа беше обврска во рок од 60 дена од стапувањето во сила на законот за ЈО. Досега мораше да бидат донесени подзаконските акти, рече Тупанчевски на дебатата.

На дебатата говореа и Киро Здравев, претседател на Судски совет во Северна Македонија, Софка Пејовска Дојчиновска, заменик претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, Тодор Витларов, виш јавен обвинител, претседател на здружение на јавните обвинители во Северна Македонија, Натали Петровска, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење”, Оља Ристова, судија во Основен Кривичен Суд Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот