Тунџев: Фиктивните сопственици на имотниот лист ќе се бришат бесплатно

фото: Слободен печат

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, на денешниот брифинг со новинарите, информираше за новините во Законот за катастар, како и услугите кои ги користат граѓаните и професионалните корисници.

Тунџев потенцираше дека Законот за изменување и дополнување на Законот за катастарот на недвижности има стапено на сила во јуни месец, а во изминативе две недели се донесени сите подзаконски акти кои што се однесуваат на примената на овој Закон. Посебен акцент, кој ги интересира граѓаните, се членовите кои што се предвидени со овие измени, а се однесуваат на исправките на грешки кои во изминатиот период биле направени при воспоставувањето на Катастарот на недвижности.

Поточно станува збор за запишувањето на правата на сопственост на недвижностите во имотните листови на граѓаните.

– Станува збор за поравки на грешки што се направени со различни примени на методологии, односно воспоставувањето и запишувањето на правата врз основа на дигитален премер и дигитални катастарски планови во однос на аналогните планови, поточно податоците од катастар на земјиште – рече Директорот.

Тој истакна дека со ваквата примена на овие технологии настанати се многу грешки кои имаат направено голем број проблеми во имотите, имателите на имоти, во самите имотни листови, во делот на сопственичките права, односно во листата каде што се запишани правата по однос на недвижноста. Класичен пример за ова се населените места Драчево, Ѓорче Петров, Волково, Сарај кои се на територијата на Град Скопје, но и во Делчево, Чашка, Македонска Каменица и други.

Тунџев истакна дека сите граѓани кај кои е настаната ваква грешка, поточно оние кои во својот имотен лист во делот на сопственици имаат повеќе сопственици и фигурираат со дел помал од 5 проценти, мнозинскиот сопственик со поднесување на барање на шалтер без никаков надоместок ќе може да му бидат избришани другите сопственици во имотниот лист.

– Со процесот на дигитализација настанале голем број на грешки во делот на сопственичките права, така што има голем број на случаи каде во имотните листови се појавуваат сопственици со на пример 2 или 3 метри квадратни, што значи дека во ваков случај или пак случај до 5 проценти грешка во премерите на катастарската парцела, граѓаните ќе мора да достават барање до Катастарот со кои ќе бараат изземање на ваквиот тип на сопственици – објасни Тунџев.

Директорот информираше дека отсега на граѓаните ќе им биде овозможено да поднесуваат барања во подрачната единица на Катастарот во која што живеат, а не како досега да одат во истата во која се наоѓа нивниот предмет.

Поради честите проблеми со интернет страницата на Агенцијата, директорот рече дека причината е зголемениот број на податоци и услуги кои ги содржи, како и на зголемениот број на професионални корисници. Набавена е нова хардверска опрема која наскоро ќе треба да биде пуштена во употреба.

– Сегашната опрема е набавена во 2008 година, а официјално е пуштена во употреба во 2010 година, а оттогаш до сега значително е зголемен бројот на податоци и корисници, па поради тоа сега се предвидува комплетен реинженеринг, подобрување на корисничкиот интерфејс и со тоа очекуваме дека значително ќе се подобрат услугите. Морам да потенцирам дека бројот на професионални корисници (нотари, адвокати, приватни катастри, општини, министерства и други) е значително зголемен и според последните бројки изнесува 1206. Очекуваме дека со новата опрема ќе има големо подобрување во употребата на истата – истакна Тунџев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот