Тунберг со нова порака до министрите за животна средина на ЕУ

Фото: МИА

Климатската активистка, Грета Тунберг, утрово им се обрати на министрите за животна средина на Европската Унија и им порача дека амбициите и целите на ЕУ за намалување на затоплувањето на планетата се далеку од доволни.

По презентацијата на првиот европски климатски закон денеска во Брисел се одржува совет на министрите за животна средина, на кој хрватското претседателство ја покани Грета Тунберг да им се обрати на земјите членки и да го даде нејзиниот став за амбициите на ЕУ за справување со климатските предизвици.

Грета Тунберг во својот кус говор пред почетокот на состанокот ги потсети министрите дека истовремено пред зградата на Советот на ЕУ се одржува протест на млади луѓе од цела Европа кои бараат “безбедна иднина”.

-Мислам дека не бараме премногу, им порача Тунберг на министрите.

Таа оцени дека климатскиот закон предложен вчера, и кој предвидува постигнување на нула нето емисии во ЕУ до 2050 преку иновативни технологии, не е доволен според одредбите на Парискиот договор, ниту според наодите на научниците.

-Ова не го велам јас, ова е само наука, не би требало јас да бидам тука да ви го кажам ова, и ова не смее да биде нешто што го земате здраво за готово, рече Грета Тунберг во Советот.

Активистката ги повтори пораките што им ги упати вчера и на европратениците. Климатскиот закон и целите за 2050 во отсуство на постоечки технологии за неутрализирање на штетни емисии нема да овозможат задржување на степенот на затоплување под еден степен и половина како што препорачува научната заедница.

-Треба да вклучиме годишни емисии, не можеме да имаме цели само за 2030 и 2050, потребни ни се за 2020, ако високите емисии продолжат како сега, буџетите ќе ги снема пред да имаме шанса да ги исполниме овие цели, изјави Тунберг.

Климатскиот закон предложен од Европската Комисија се заснова во голем дел на претпоставката дека во наредните десет години ЕУ ќе успее да создаде иновативни технологии за справување со емисиите, и се заснова врз буџет кој, според научниците, дава само 50 отсто шанси за постигнување на намалување под 1,5 степен.

-Ризикуваме да го прекршиме Парискиот договор, предупреди Грета Тунберг.

Потпретседателот на Европската Комисија задолжен за климатските прашања, Франс Тимерманс, одговори дека е “поголем оптимист” во однос на развојот на потребните технологии.

Климатскиот закон предложен од Европската Комисија вчера треба да биде усвоен од страна на земјите членки и на Европскиот Парламент. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот