Туморите на хипофизата најчесто се бенигни и асимптоматски

хипофиза
Локација на хипофизата / Фото: Profimedia

 Отсуство на менструација, појава на секрет од дојка кај жени што не дојат, но и еректилна дисфункција кај мажи или прекумерен раст на градите, може да укажуваат на постоење тумор на хипофизата.

Туморот на хипофизата се формира во ткивата на оваа многу важна жлезда и го променува составот на нејзините клетки и нивниот понатамошен абнормален раст. Хипофизата е одговорна за лачење на хормоните што ја контролираат работата на повеќето други жлезди во нашето тело, а туморите што се појавуваат во неа се главно бенигни.

Туморите на хипофизата во повеќето случаи се неканцерозни

Хипофизата е жлезда со големина на зрно грашок, која се наоѓа зад очите, под предниот дел на мозокот. Позната е и како „господарка на жлездите“ бидејќи влијае врз работата и регулирањето, меѓу другото, на тироидната и надбубрежните жлезди, како и на јајниците и тестисите. Туморите што најчесто се појавуваат, се нарекуваат функционални бидејќи ги напаѓаат деловите што произведуваат хормони.

Спротивно на тоа, оние што не произведуваат хормони се нефункционални тумори на хипофизата. Некои тумори што се јавуваат во хипофизата може да доведат до намалено ниво на хормони, а некои до прекумерно лачење. Статистиката вели дека малигните тумори се многу ретки.

Што се аденоми на хипофизата?

Најголем број од бенигните тумори на хипофизата се аденоми што се создаваат, но исто така остануваат во внатрешноста на хипофизата или ткивото во околните региони. Не се шират на други делови од телото. Исто така, многу тумори на хипофизата не покажуваат никакви симптоми. Функционалните тумори на хипофизата се манифестираат во зависност од хормоните што ги произведуваат и лачат. Што се однесува до симптомите на нефункционалните тумори, тие зависат од растот и притисокот што се врши врз другите органи или структури. Поголемите тумори на хипофизата се наречени макроаденоми и тие се со големина од околу 1 сантиметар или поголеми, додека помалите тумори на хипофизата се нарекуваат микроаденоми.

Тумор на хипофизата и вообичаени симптоми

Кога станува збор за тумори на хипофизата кои се симптоматски, најчестите манифестации се нарушено ниво на хормони во крвта, висок крвен притисок, слабост во коските и мускулите, главоболка, проблеми со видот и губење на видот, неправилно чукање на срцето, симптоми на акромегалија (промени во составот на телото, особено рацете и нозете), лактација од дојка кај жени што не се во циклус на бременост, недостиг на млеко кај мајките што дојат, менструални нарушувања, недостаток на либидо, еректилна дисфункција, губење на косата и влакна на телото, необјасниви вишок килограми, нервоза, анксиозност, напади на гнев, депресија, гадење и повраќање, вртоглавица, модринки без причина, збунетост и конфузија. Можни знаци дека туморот расте и притиска на други органи или делови од телото може да бидат силни главоболки и многу често губење на периферниот вид.

Каква е врската помеѓу зголеменото ниво на пролактин и туморите на хипофизата?

Во хипофизата се произведува пролактин, хормон одговорен за лактацијата, односно лачењето млеко кај доилките. Овој хормон има ефект и на имунолошкиот и репродуктивниот систем и влијае на одредени однесувања и емоции. Ако имаме високо ниво на пролактин во крвта, тоа може да се должи на тумор на хипофизата. Тогаш лекувањето е задолжително, а можна е и хируршка интервенција бидејќи нивото на пролактин во организмот треба да биде во границите. Премногу пролактин во телото се нарекува и хиперпролактинемија. Бенигните тумори на хипофизата (познати како пролактиноми) можат да бидат една од најчестите причини за оваа состојба.

Пролактиноми (тумори на хипофизата) и реакции кај мажи и жени

Зголеменото ниво на пролактин доведуваат до нарушување односно пониско ниво на полови хормони –естроген кај жените и тестостерон кај мажите. Симптомите се различни во однос на полот, па така кај жените може да дојде до нередовна менструација, целосно отсуство на менструалниот циклус, појава на содржина на млеко од градите. Кај мажите, овие тумори предизвикуваат таканаречен машки
хипогонадизам, чии симптоми се еректилна дисфункција, недостиг на либидо и сексуална желба, намалување на бројот и подвижноста на сперматозоидите, прекумерен раст на градите, течење на носот (цереброспинална течност).

Дијагноза и третман на тумори на хипофизата

За да се постави точна дијагноза, најчесто се користат одредени тестови на крв и урина, како и скен и магнетна резонанција. Терапијата и третманот се одредуваат во однос на големината на туморот, како и каде се наоѓа, дали и колку се проширил. Исто така, опциите за третман се одредуваат во однос на типот на туморот, дали тој произведува хормони, дали има губење на видот или ширење на мозокот и дали има повторување на туморот.

Доколку туморот не предизвикува проблеми и нови симптоми, се препорачува следење со редовни контроли. Хируршкото отстранување на хипофизата обично се користи во комбинација со терапија со зрачење, кога туморот притиска на некои од органите, како што е окото. Понекогаш хормонската терапија е опција, која има за цел да го контролира нивото на хормоните. Одлуката за лекување ја носи лекарот, со информирање на пациентот за опциите и негова согласност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот