Тухел збесна поради интервјуто на Лукаку, без Белгиецот против Ливерпул?

Ромелу Лукаку во интервјуто за „Скај“ рече дека не е задоволен во Челси/ фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Менаџерот на Челси, Томас Тухел е пред одлука да не го вклучи својот напаѓач Ромелу Лукаку во составот за денешниот дерби натпревар од Премиер лигата против Ливерпул (17.30 часот).

По интервјуто на белгискиот фудбалер во кое рече дека не е задоволен во Челси, може да следи казна во вид на изоставување од протоколот за големото дерби против „црвените“.

– Физички сум добро. Но, не сум задоволен од ситуацијата во Челси. Тухел реши да игра со друг систем. Нема да се откажам, ќе бидам професионалец. Не сум задоволен од ситуацијата, но јас сум професионалец и нема да се откажам – рече белгискиот центарфор во интервјуто за италијанскиот „Скај“.

Германскиот стручњак Тухел не го криеше незадоволството од зборовите на Лукаку, кој на прес-конференцијата пред мечот со Ливерпул рече дека изјавата на 28-годишниот напаѓач воопшто не му се допаѓа.

– Да бидеме отворени до крај, не ни се допаѓа интервјуто на Лукаку. Посебно за мене, затоа што непотребно крева галама. Ни треба мирна средина, фокус, а вакво нешто не ни помага – вели Тухел.

Интервју кое крена голема прашина долгорочно може да го чини напаѓачот платен 115 милиони евра, а веројатно Белгиецот на денешниот меч ќе биде казнет со следење на натпреварот од трибините на стадионот „Стемфорд „Бриџ“ во Лондон.

Челси во дербито влегува со бод повеќе, но и натпревар повеќе од Ливерпул. И двата тима ќе имаат императив за победа, бидејќи Манчестер сити се одлепи на првото место со 11 бода повеќе од лондонскиот тим или 12 повеќе од „црвените“ кои на мегдан излегуваат без менаџерот Јирген Клоп.

Клоп во изолација поради симптоми на корона, го пропушта дербито со Челси

Видео на денот