Трујачи фрлиле отров низ Гостивар, мртви кучиња на улиците

Нов случај на масовно труење на улични кучиња е забележан вчеравечер во Гостивар, објави локалниот портал „Гостивар прес“.
По двата вознемирувачки случаи во Струга, во кои насилник со пушка уби голем број кучиња, а неколку дена подоцна беа отруени уште десетина, вчера и на гостиварските улици на неколку места можеле да се видат беспомошни и отруени кучиња, пишува порталот.
– Вчеравечер во Гостивар на неколку локации забележани се повеќе затруени кучиња-скитници. Граѓани кажуваат дека се ужаснале од глетката – животните беспомошно во агонија лежеле на улица. Голем број гостиварци го осудуваат труењето на кучињата, бараат да се утврди одговорност и реагираат дека надлежните треба да го решаваат проблемот со бездомните животни на хуман начин, според законите – пишува „Гостивар прес“.
Активистите за заштита на животните со години апелираат проблемот со уличните кучиња да го решат оние кои за него се надлежни – општините. Но, додека локалните, а и централните институции постојано си ја префрлаат одговорноста за решавање на проблемот, улиците на нашите градови стануваат сѐ понебезбедни – помалку поради кучињата што касаат, отколку од насилниците-луѓе – пукачите и трујачите.