Трпезата се поставува со еден клик

Доставата на свежи и на приготвени намирници, пекарски производи, брза храна, но и лекови станува брзорастечки тренд и кај нас. Големите трговци веќе пренасочија добар дел од своите ресурси и персонал кон ваквиот начин на продажба, следејќи ги во чекор светските трендови, но и специјализираните домашни компании, кои се сѐ поприсутни на социјалните мрежи.

Онлајн бизнисот не е новина на македонскиот пазар, бидејќи првите фирми од оваа бранша се приближуваат кон десеттиот роденден, ама пандемијата им овозможи да направат џиновски скок. Ваквата констатација доаѓа од фактот што најпогодените бизниси од коронавирусот, преку ноќ го заменија традиционалниот начин на продажба користејќи ги погодностите кои ги нуди интернетот. Со низа попусти, како и бесплатна достава, рестораните и продавниците кои беа принудени да стават клуч на врата, се обидоа и успеаја да привлечат муштерии, а во исто време да остварат солидни приходи. Сосема е јасно, велат добрите познавачи на состојбите, дека и оние бизниси што во минатото не овозможуваа услуги преку електронски пат, сега се принудени да користат алтернативни начини за пласирање на своите производи. Од друга страна, почитувајќи ги здравствените протоколи, со неколку кликови граѓаните можат безбедно да купуваат без да ги напуштат своите домови.

– Пред две и пол години почнавме како старт-ап, а денес располагаме со сопствен дистрибутивен центар од 1.300 квадрати. Основната дејност ни е достава на стоки за широка потрошувачка и во моментот нашиот пазарен удел е 50 процентен. За развојот и димензиите на бизнисот говори фактот дека на почетокот имавме по дваесетина нарачки дневно, а сега имаме од 200 до 300 нарачки – велат за „Слободен печат“ од менаџерскиот тим на „Пакет маркет“. Оваа компанија соработува и со месарници, рибарници и пекарници и постојано го зголемува обемот на достава и според менаџерите растот е постојан во изминативе девет месеци, а овој декември ќе им биде најјак.

– Македонските потрошувачи сѐ повеќе го напуштаат традиционалниот начин на пазарување, а особено предничат помладите. Месеците кога имавме целосни карантини беа големо искушение за нас за да одговориме на сите потреби и навистина ја постигнавме целта – народот сфати дека онлајн трговијата е безбедна, плаќањето се одвива беспрекорно и досега не сме имале ниту еден приговор за нашата работа – додаваат од „Пакет маркет“. 

Рестриктивните мерки најмногу ги погодија туризмот и угостителството, а ние сме во позиција да им овозможиме на рестораните да продолжат со работа и да остваруваат приходи, вели за „Слободен печат“ Роберт Тодоровски, менаџер во „Кликни-Јади“, сервис за испорака на храна.

-Соработуваме со 200 ресторани, а доставата се врши во Скопје, а од летоска и во Охрид, со намера во наредниот период да се прошириме и низ целата држава. Во соработката вклучивме и еден голем трговски бренд и една аптека. Постоиме веќе 6 години, почнавме со двајца доставувачи, а сега имаме 80. Низ годините растот се движеше од 50 до 60 отсто, но годинава е најзабележително, бидејќи угостителите сфатија дека единствен начин да опстанат во овие тешки моменти е преку испорака – објаснува Тодоровски.

Според него, испораката на брзата и на готвената храна се одвиваат беспрекорно, а довербата кај клиентите не е изневерена во ниту еден момент. Тодоровски додава дека ако лани имале проблем со наоѓањето работници, сега тоа е надминато, па дури презеле и дел од готвачите и келнерите од некои ресторани, кои мораа да го намалат персоналот. За да се заштитат граѓаните, им се нуди бесконтактно плаќање, а доставувачите носат заштитни маски и ракавици, со што се почитуваат сите здравствени протоколи.

Угостителството е еден од најпогодените сектори од пандемијата. Тие беа први на удар, со скратено работно време или целосно затворање, а состојбата сега е уште подрастична по последните рестриктивни мерки. Иако е дозволена доставата на храна, според некои податоци, само 30 отсто од рестораните може да се пренаменат за тој вид услуга.

-Денес доставата е најбрзорастечки канал за продажба на храна во ресторанскиот бизнис и тој тренд ќе се задржи во наредните неколку години. Беше логично да ја прошириме услугата со достава, бидејќи тоа ни овозможи дополнителна продажба и зголемување на бизнисот. Досегашното искуство е исклучително позитивно – одговараат од еден синџир на брза храна.

Доставата на храна до 2023 година глобално ќе заработи 74,6 милијарди долари

Глобалните приходи во сегментот на достава на храна, само во делот на ресторанската храна, во 2019 се проценети на 53,7 милијарди долари, или 6,5 милијарди повеќе од 2018-та. Се проценува дека со годишен раст од 8,6 отсто, тој пазар до 2023 година ќе заработи 74,6 милијарди долари. Кина, САД, Велика Британија, Индија и Франција се првите 5 земји во кои се остваруваат најголеми приходи од доставата на храна. Се проценува дека оние ресторани што не се прилагодиле на новите трендови, ќе изгубат до 60 отсто од приходите. Експертите оценуваат дека доставата теоретски е применлива за сите формати и видови храна, како и за непрехранбените производи. Единствен проблематичен фактор е маржата – бидејќи е бескорисно да се врши услугата, ако целата маржа отиде кај третата страна, односно кај оние кои вршат достава. Оттука, клучната предност е зголемен промет, иако со многу ниски маржи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот