ТРОШОЦИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ: За училишта за спорт, јазик и танц и до 100 евра месечно – НАЈСКАПО Е ВО СКОПЈЕ

Спортот, странскиот јазик, цртањето, пеењето, танцувањето се сите воннаставни активности за кои родителите треба да одвојат по неколку илјади денари секој месец.

„Слободен печат“ направи истражување колку родителите треба да одвојат од домашниот буџет, доколку нивните деца сакаат да учат некој од странските јазици. Може да се забележи дека во Скопје цените се највисоки и дека во главниот град, овие активности зависат и од местото во кое се наоѓа училиштето за странски јазик, поточно во кој дел од градот.

Па така за учење на англиски јазик во претшколска возраст и од прво до петто одделение во просек цените се движат од 800 до 1.600 денари месечно, во зависност од тоа дали станува збор за англиски или друг јазик. Во принцип наставата се одржува 2 пати неделно по 45 или 60 минути.

За истиот временски период и број на часови, родителите кои имаат деца од петто до деветто одделение за нивното дете да изучува некој странски јазик во просек треба да одвојат од 1.200 до 1.800 денари.

Според нашите информации, најевтино изучување на некој од странските јазици е во Велес, каде во просек цената за учениците од основно и средно училиште за двапати неделно по 60 минути, родителите треба да платат од 500 денари, а за средношколците оваа цена е од 600 до 750 денари месечно.

Во Охрид во училиштата за странски јазици, родителите, доколку сакаат да го запишат своето дете на англиски или германски јазик, треба да платат од 5.400 денари до 7.500, во зависност од училиштата и оваа цена е за цела учебна година, која може да се плаќа на рати, а е за часови кои се оддржуваат 2 пати неделно по 45 или 60 минути.

Речиси идентична е цената за оваа услуга во Штип, Струмица, Тетово и Битола. Во овие градови цената на месечно ниво се движи од 600 денари па се до 1.000, а станува збор за деца од основно и средно училиште, а како и секаде во државата станува збор за часови кои се оддржуваат двапати неделно по 45 или 60 минути.

Доколку родителите сакаат нивните деца да ги подобрат вештините кои ќе им помогнат при учењето, поточно да се подобри работата на мозокот со користење на разни умствени задачи, цената на овие курсеви се движат од 1.500 до 2.500 денари.

Ако децата се заинтересирани за изучување на некој од танците (хип-хоп, модерен танц, латино, самба, танго и слично), родителите за ова „задволство“ од месечниот буџет ќе треба да одвојат од 800 до 1.500 денари.

Училиштата за спорт (пливање, ракомет, кошарка, фудбал, тенис и други) имаат различни цени и сите варираат во зависност од клубовите или школите во кои децата се запишуваат да тренираат, како и нивната возраст. Цените за спортски активности се движат од 1.500 до 2.000 денари месечно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот