Трошка надеж за подобри односи на суперсилите во иднина

Фото: EPA-EFE/PETER KLAUNZER

Најважните прашања што се однесуваат на глобалната безбедност и дипломатијата, како што е контролата на вооружувањето и враќањето на протераните амбасадори, наидоа на голема конструктивност и од двајцата претседатели уште од самиот почеток од состанокот.

Состанокот на американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин одржан во Женева на повеќе теми, ббеше оценета како конструктива и од двете страни.

Најважните прашања кои се однесуваат на глобалната безбедност и дипломатијата, како што е контролата на вооружувањето и враќањето на протераните амбасадори, наидоа на голема конструктивност и од двајцата претседатели уште од самиот старт од состанокот.

Но, дека односите меѓу двете суперсили се далеку од добри, можеше да се насети и по тоа дека двете делегации не организираа заеднички ручек, ниту, пак, претседателите излегоа на заедничка прес-конференција.

Путин го нарече Бајден „конструктивен, искусен партнер“ и рече дека тие зборуваат „на ист јазик“, но додаде дека меѓу нив нема пријателство, туку прагматичен дијалог за интересите на Русија и САД. Претседателот на Русија посочи и дека „во овој момент е тешко да се каже дека односите со САД ќе се подобрат“, но дека има „трошка надеж“ за прашањето на взаемна доверба.

– Општата оцена е следна, мислам дека немаше непријателство. Напротив, нашата средба помина принципиелно. На многу начини, нашите проценки се разликуваат. Но, според мое мислење, двете страни сепак покажаа желба да се разберат и да бараат начини за приближување на ставовите. Разговорот беше многу конструктивен – изјави рускиот лидер.

Путин рече дека разговарал за широк спектар на прашања со неговиот американски колега, од стратешка стабилност до соработка на Арктикот.

– Претпоставувам дека темите им се познати на сите: стратешка стабилност, кибербезбедност, регионални конфликти, трговски односи. Разговаравме и за соработка на Арктикот – додаде Путин.

Тој истакна дека Русија им доставила на САД сеопфатни информации за кибернападите, а посочи и дека тој и американскиот претседател Џо Бајден се договориле да започнат консултации за кибербезбедноста во иднина, негирајќи дека хакерските напади во САД дошле од Русија.

– Ние сме двете најголеми нуклеарни сили: по количина на оружје, боеви глави, снабдувањето и нивото, квалитетот на современото нуклеарно оружје – појасни тој – додавајќи дека и двете земји се свесни за оваа одговорност.

Џо Бајден изјави дека тој и рускиот претседател Владимир Путин детално разговарале за следните чекори што треба да ги преземат двете земји за мерки за контрола на оружјето за да се намали ризикот од војна. На прес-конференција, Бајден рече дека дипломатите и воените експерти од двете земји ќе се состанат како дел од, како што рече, дијалогот за стратешка стабилност за да се постават темелите за идните мерки за контрола на оружјето и намалувањето на ризиците.

– Американско-руските односи мора да бидат стабилни и предвидливи – истакна претседателот на САД во експозето.

Бајден на новинарите им посочи дека му рекол на рускиот лидер, дека човековите права секогаш ќе бидат тема.

Бајден потврди дека за време на разговорите со Путин, особено инсистирал на важноста на човековите права. Претседателот на САД го покренал и прашањето за ослободување на двајца поранешни американски маринци, Пол Вилан и Тревор Рид, кои моментално се наоѓаат во руски затвор.

– Му реков и на Путин дека нашата политика не е против Русија или некој друг, туку за американскиот народ – изјави Бајден.

И двајцата претседатели беа децидни дека Русија и САД ја делат одговорноста за нуклеарната стабилност во светот.

 

За Навални се говорело накусо

 

Од агенцијата Ројтерс откриваат дека Владимир Путин „покажал недостаток на волја за компромис за низа други прашања“, отфрлајќи ја загриженоста на Вашингтон за апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, зголеменото воено присуство на Русија на границата со Украина и сугестиите на САД дека неидентификувани хакерски напади од Русија беа одговорни за бројни агенции и компании во САД.

Путин, на прес-конференцијата изјави дека на состанокот со неговиот американски колега, многу малку време говореле за уапсениот опозициски лидер Алексеј Навални, кој во моментов се наоѓа на издржување на затворска казна.

Путин објасни дека Навални не го испочитувал законот и знаел што ќе се случи ако се врати во Русија од Германија, каде што се лекуваше.

Тој исто така го обвини Киев за кршење на договорот за прекин на огнот со проруските сили во Источна Украина.

Лидерот на Кремљ рече дека Вашингтон и Москва треба да разговараат за кибербезбедноста, додавајќи дека повеќето кибернапади врз Русија се од САД.

Тој додаде и дека Бајден го покренал прашањето за човековите права и судбината на притворените американски граѓани во Русија, додавајќи дека на терен може да се постигне компромис, иако тој сѐ уште не дал никакви индиции за размена на затвореници.

 

Заедничка изјава за стратешката стабилност

 

Русија и САД ја потврдуваат својата посветеност на принципот дека никогаш не треба да се започнува никаква нуклеарна војна во светот. Ова се наведува во заедничката изјава на претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Џо Бајден за стратешката стабилност.

Во документот се вели дека „Русија и САД покажаа дека дури и во време на тензии тие се во состојба да постигнат напредок во остварувањето на заедничките цели за обезбедување предвидливост во стратешката сфера, намалување на ризиците од вооружен конфликт и закана од нуклеарна војна“.

– Неодамнешното обновување на Договорот за стратешко офанзивно оружје (нов СТАРТ) е доказ за нашата заложба за контрола на нуклеарното оружје. Денеска ја реафирмираме нашата посветеност на принципот дека не може да има победници во нуклеарна војна и таа никогаш не треба да биде потпалувана – се вели во изјавата на лидерите по средбата во Женева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот