Трошановски: Да не се креваат очекувањата после изјавите на Макрон

Сега е клучно да не се креваат повторно очекувањата кај пошироката јавност дека изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон и наредбата на американскиот претседател Џо Бајден значат сигурно дека на самитот на 22 јуни Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ, предупредува аналитичарот Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

– Кај нас циклично се повторуваат оптимизмот и разочарувањата и фрустрацијата се таложи што создава контраефект. Расте евроскептицизмот кај јавноста и се отвара простор за разни мешетарења за политичко профитирање. Ако биде ќе биде, ако не, не се откажуваме, но треба да развиваме дополнителни механизми за интеграција со регионот и САД. Притисоците се зголемени од сите важни страни, но се сеќаваме на самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт кога Џорџ Буш рече дека Македонија од утре е членка на НАТО, па не се случи. За ирационалноста на дел од балканските политичари само небото е граница, а силно подгреаните надежи и големите разочарувања имаат длабоки импликации на целото општество – вели Трошановски за „Слободен печат“.

Сепак, евидентна е промената на реториката кај дел од европските лидери, додава тој.

– Франција никогаш досега не ја поддржала Македонија вака директно и еклатантно како што го стори тоа вчера претседателот Емануел Макрон. Ако ги гледаме фразите што се употребуваат во изјавите, тогаш пораката за „недоложноста“ на почетокот на преговорите за Македонија е исклучително силна. Моментно Македонија добива силна поддршка од Франција, Холандија, Германија и од САД и се користи терминот „неодложно“, што претходно не беше случај.  Претходно Франција велеше дека не сме подготвени, а Меркел се обрати до Зоран Заев и Бојко Борисов и им рече разговарајте, решете го проблемот. Ова сега е нова динамика со која се испорачува зголемен притисок врз Бугарија. Но, треба да расчистиме што подразбираме по напредок во спорот. Ако како ефект очекуваме Македонија сега на самитот на 22 јуни да ги почне преговорите, тоа нема да се случи. Но, може како ефект да очекуваме да добиеме патоказ за спроведување на договорот кој ќе ги штити нашите црвени линии за јазикот и идентитетот, додека истовремено ја забрзува имплементацијата на договорот со Бугарија во другите области – вели Трошановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот