Тропската бура Николас зајакна во ураган

Американскиот национален центар за урагани објави дека тропската бура Николас се засили во ураган и може да ги погоди бреговите на Тексас и Луизијана со брзина од 120 километри на час.
Зголемувањето на нивото на морето и дождовите по ураганот Николас се закануваат со поплави опасни по живот.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот најави дека ќе прогласи вонредна состојба во 17 окрузи и три града во крајбрежниот дел на таа американска федерална држава, додека спасувачките тимови со чамци и хеликоптери се во состојба на готовност.
До среда се очекува да падне половина метар дожд во некои делови на Тексас.
Николас е втор ураган за две недели што го загрозува американскиот брег во Мексиканскиот Залив, откако ураганот Ида ја погоди Луизијана кон крајот на август, оставајќи повеќе од 25 жртви.
„Сакаме да бидеме сигурни дека оваа бура нема да фати никого неподготвен. Најголемата загриженост е силниот дожд “, рече гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс, предупредувајќи дека дренажните системи се уште се затнати со седименти предизвикани од Ида.
Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, повика 2,3 милиони жители на тој град да останат во своите домови.
„Сфатете ја оваа ситуација сериозно и подгответе се. Не знаеме колку дожд ќе падне “, рече Тарнер.
Извор: АП