Тројна победа на републиканците: Трамп со „моќен мандат“ се враќа во Белата куќа
Освен претседателската функција, републиканците го освоија и Сенатот и на пат се да обезбедат мнозинство и во Претставничкиот дом
Доналд Трамп се враќа во Белата куќа, со убедлива победа што отскокна од најавите дека овие претседателски избори во САД ќе бидат едни од најнеизвесните досега.
Републиканците слават тројна победа. Тие, сосема очекувано, го презедоа мнозинството во Сенатот, но и неочекувано беа во голема предност во однос на демократите во освоени места во Претставничкиот дом.
Трамп, според проекциите, има освоено 277 делегати во изборниот колеџ, седум повеќе од потребното мнозинство, но и убедливо води во четири од преостанатите пет сојузни држави во кои уште не е прогласен победник. Со официјалното потврдување на резултатите од проекциите, што вообичаено е само формалност, Трамп би освоил 312 делегати во Изборниот колеџ, наспроти 226 за кандидатката на демократите, Камала Харис. Републиканецот, според нецелосните резултати, освои 5 милиони повеќе гласови од Харис.
– Америка ни даде моќен мандат – порача Трамп во триумфалното обраќање уште пред да му биде потврдена победата.
Тој насмеан се појавил пред симпатизерите во Конвенцискиот центар во Палм Бич на Флорида, придружуван од идниот потпретседател Џеј Ди Венс, од семејството и од републиканските лидери.
Атмосферата во штабовите на демократите била дијаметрално спротивна. Репортери јавија дека симпатизери на Камала Харис почнале да си заминуваат уште кога биле објавени првичните резултати, кои укажувале дека Трамп освоил многу повеќе гласови од очекуваното.
Харис до полноќ по американско време не се огласи во јавноста. Еден од шефовите на нејзината кампања, Седрик Ричмонд, најави дека Харис ќе се обрати во текот на денот.
– Сѐ уште има гласови за броење – изјави Ричмонд.
Подобар и од 2016 и од 2020 година
Трамп, всушност, на овие избори помина подобро дури и од оние во 2016 година, кога ја победи тогашната противкандидатка Хилари Клинтон со 304 наспроти 227 делегати во колеџот и првпат беше избран за претседател. На дуелот со Џо Бајден во 2020 година, Трамп освои само 232 делегати, наспроти 306 за сѐ уште актуелниот претседател.
Трамп првпат освои и повеќе гласови, не само делегати. Во 2016 година, иако победи, тој освои 63 милиони гласа, 3 милиона помалку од Клинтон, а во 2020 година освои 74 милиона, 7 милиони помалку од Бајден. На овие избори, со нецелосни резултати, Трамп веќе имаше добиено 70,2 милиона гласови, за разлика од Харис која освои 65,2 милиона.
И додека и пред изборите се знаеше дека демократите и републиканците сигурно ќе победат во сојузните држави што ги сметаат за свои тврдини, на Трамп му успеа да освои мнозинство гласови во сите седум држави што се сметаа за „превртливи“ и „неизвесни“. Во споредба со 2020 година, републиканецот им ги „грабна“ на демократите победите во Невада, Аризона, Висконсин, Мичиген, Џорџија и Пенсилванија. Изборната карта на овие избори речиси се поклопува со онаа од 2016 година, со исклучок на Невада, која тогаш ја освои Хилари Клинтон.
Луѓето се сити и исцицани
Резултатите покажуваат дека Трамп, во однос на 2020 година, освоил повеќе гласови во сите средини, и во градовите и во руралните средини, меѓу жителите со повисоки и со пониски приходи. Најголем пресврт тој направил меѓу Латиноамериканците, од кои дури 45 отсто гласале за него, 13 отсто повеќе во споредба со претходните избори.
Првичните анализи укажуваат дека демократите потцениле колку им е важно на гласачите прашањето за економијата. Речиси една третина од гласачите опфатени со истражувања укажале дека најважната тема за нив е економијата, а од нив дури 80 отсто гласале за Трамп. Во толку големо мнозинство за Трамп се изјасниле и 45-те отсто гласачи што рекле дека нивната семејна финансиска ситуација денес е полоша отколку пред четири години.
– Звучи просто да се објаснува толку многу, но луѓето се сити. Исцицани се од компаниите, цените на сѐ одат угоре, автомобилите, колеџот и пензионирањето се недостапни. Бургер од 20 долари. Дали тоа е грешка на Бајден и Харис? Веројатно не, но тие го почувствуваа ударот. Трамп беше „кандидат на средниот прст“ во 2016 година и сега повторно – оцени репортерот на Ројтерс, Џејмс Олифант.
Трамп собори и низа други рекорди. На возраст од 78 години тој е највозрасниот победник на претседателски избори, првиот претседател што преживеал два импичменти, првиот што бил кривично обвинет, како и првиот по повеќе од еден век што се враќа во Белата куќа „прескокнувајќи“ еден мандат.
Мнозинство во Конгресот
Републиканците сосема очекувано го презедоа мнозинството во Сенатот, во кој се избираа 34 нови сенатори, една третина од составот. Уште пред да бидат објавени победниците во битките за сите фотелји, републиканците веќе имаа 51 сенатор, а очекуваат да добијат уште петмина.
Републиканските кандидати се во водство и во трката за места Претставничкиот дом, каде што се очекуваше до мнозинство да стигнат демократите. Потврдениот однос е 196 против 179 во полза на републиканците, но нивните кандидати беа во водство во повеќето преостанати изборни единици и се очекува да го надминат потребното мнозинство од 218 делегати.
На изборите за гувернери на 11 сојузни држави, републиканските кандидати победија во осум, а демократите во само три. Новиот однос на гувернери сега е 27 републикански и 23 демократски.
За утеха на демократите им остана освојувањето мнозинство на референдумите за право на абортус во низа сојузни држави. Гласачите во Мисури се произнесле за укинување на еден од најрестриктивните закони за забрана на абортус, но во Флорида мнозинството се изјаснило за задржување на законот за забрана на абортус по првите шест недели бременост. Амандмани за зголемување на правата на абортус биле изгласени во Колорадо и во Мериленд, а во Њујорк била надгласана дискриминација врз основа на „исходот од бременоста“.
Референдумите, од друга страна, не значат и автоматско менување на законите, туку се основа за барање до судовите да ги приспособат законите кон изразената волја на мнозинството.
Со прогласувањето на неофицијалната победа, почнаа да пристигнуваат и првите честитки на адреса на Трамп.
Честитки и од Зеленски
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изрази надеж на соработка со Трамп, забележувајќи дека Европската Унија и САД се „повеќе од сојузници“.
– Ние сме врзани со вистинско партнерство меѓу народите, обединувајќи 800 милиони граѓани. Да работиме заедно на трансатлантско партнерство што работи за нашите граѓани. Милиони работни места и милијарди во трговија и инвестиции на двата брега на Атлантикот зависат од динамиката и стабилноста на нашите економски односи – порача Фон дер Лајен.
Трамп во претходниот мандат ја оптовари трговската размена воведувајќи тарифи за извоз на челик и алуминиум.
Меѓу првите, порака до Вашингтон испрати украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија земја без помошта од Америка тешко може да војува против Русија. Трамп во кампањата се залагаше за намалување на воената помош за Украина и постојано тврдеше дека како претседател „за само неколку денови ќе ја заврши војната“. Зеленски изјави дека „ја цени заложбата на Трамп да се дојде до мир преку сила“.
– Се сеќавам на нашата одлична средба со претседателот Трамп во септември, кога детално дискутиравме за украинско-американското стратегиско партнерство, за Планот за победа и за начините да заврши руската агресија против Украина. Се надеваме на ера на силна Америка под решителното водство на претседателот Трамп – изјави Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин, сепак, вчера се воздржуваше да му ја честита победата на Трамп, бидејќи САД се „непријателска земја“.
– Да не заборавиме дека зборуваме за непријателска земја, која и директно и индиректно е вмешана во војна против нашата држава. Односите помеѓу Русија и САД веќе се на најниско ниво во историјата. Од новото раководство на Америка зависи дали ситуацијата ќе се промени – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој го повтори ставот дека Москва е „спремна за конструктивен дијалог заснован врз правда, еднаквост и спремност за прифаќање на заедничките загрижености“.
Родена е нова ѕвезда: Илон!
Во поздравниот говор Трамп не заборави да го спомне и својот нов, екстравагантен и најгласен сојузник, милијардерот Илон Маск, кој во последните недели од кампањата не штедеше енергија и 120 милиони за да ги повикува своите следбеници да гласаат за републиканскиот кандидат.
– Родена е нова ѕвезда, Илон! – порача Трамп.
Тој веќе најави дека ќе го назначи Маск на челото на нова комисија „за ефикасност на администрацијата“.