Тројца сведоци потврдија дека не уплатиле по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ

Лазар Ацевски од Кочани, сведок во случајот „Титаник“, денеска пред судечкиот совет во овој процес изјави дека своеволно, има донирано пари за политичка партија ВМРО-ДПМНЕ чијшто е член.

– Неколку пати преку банка имам извршено уплата на пари за партијата. За точната сума не се сеќавам колкава е. Најголема сума која ја имам уплатено е околу 20.000 денари. Од сослушувањето во СЈО дознав дека на мое име имало уплатница во износ од 60.000 денари за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Јас толкава сума на пари немам уплатено. Не се сеќавам и дека сум му дал на некој друг толку пари да изврши уплата на мое име – рече сведокот.

Сведокот Елида Кецкаровска изјави дека никогаш за ниту една политичка партија нема донирано ниту еден денар.

– Познато ми е дека има некаква уплатница на мое име со уплата од 60.000 денари на мое име за ВМРО-ДПМНЕ. Јас не сум пополнила таква уплатница, а и потписот на истата не е мој. Никогаш на никој немам дадено пари да уплати во мое име за политичка партија – изјави Кецкаровска.

Не бев вработена во 2011 година, а никогаш во животот не сум донирала пари за политичка партија.

– Во СЈО дознав дека мојот идентитет е на уплатница од 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ, изјави сведокот Анета Каровчева.

На прашање на јавната обвинителка Лиле Стефанова дали на трето лице дала пари да уплати пари за некоја партија, сведокот кратко одговори негативно. Во овој случај освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот