Тројца скопјани под кривичен прогон, застрелале дива свиња во време на ловостој

Ловочуварската служба во месноста викана Вакавска корија кај велешкото село Рудник на повик на граѓани  синоќа во 21.55 часот утврдила четири испукани куршуми. Повикале полиција и околу 22.40 во  куќа кај селото Рудник биле откриени тројца сторители, сите од Скопје, кои во време на ловостој убиле дива свиња маторица штотуку опрасена со седум прасиња.

Тоа е спротивно на Законот за ловство, потенцираат од ЛД „Руен”. Затоа тие преку свој адвокат до  ОЈО Велес ќе поднесат кривична пријава против прекршителите на законот,  изјави за МИА Ване Нанов,  ловочувар  од ЛД „Руен” од Велес кој бил на настанот. Кај еден од сторителите била откриена и одземена ловечка пушка, а вториот во меѓувреме ја фрлил и не можеле да ја најдат.

Нанов рече дека во 21.55 часот  во месноста викана „Вакавска корија”   било пукано со четири истрели од огнено оружје за што ги известиле нив, Ловочуварската служба на ЛД „Руен”. Кога дошле на местото на настанот, лицата биле  повлечени од местото, но  биле забележани во куќа и како од кола истовараат дива свиња од околу 120 килограми.

-Повикавме да дојде  полиција затоа што се работеше за куќа  и сите заедно околу 22.40 часот влеговме и направивме записници, при што беше одземена пушка од еден од сторителите, појасни Нанов.

Вториот од групата демантирал дека бил на лов и  ја фрлил пушката во капини кај коријата што не можеле  да ја најдат.

Станува збор за три лица сите од Скопје – К.Ф. (57), од кого била одземена ловечката пушка и предадена на СВР Велес, вториот е С.Ц. (62) и третиот Ж.Ф., син на првиот.

-Тие се скопјани кои подолго време ловат на нашите терени. Дивечот го продаваат и ова е чисто комерцијален лов. Затоа ние моравме да им застанеме на патот и да ги спречиме, додаде Нанов.

ЛД „Руен” е концесионер на ловиштата во  поширокиот велешки регион и го регулира спроведувањето на законот особено за време на ловостој, кој трае од 1 февруари до 30 септември. Во овој период е  забранет лов на дива свиња и на останати животни на терените кои се под концесија на „Руен”. Од ловечкото друштво соопштија дека од 1 август почна ловот на прелетен дивеч.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот