Судски совет, седница / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тројца судии унапредени во битолска Апелација

Тројца судии, еден во кривичната област и двајца за граѓанска област, избраа членовите на Судскиот совет за во Апелацискиот суд Битола, но наместо треторангираниот судија, поддршка доби следниот судија по него. Унапредување добија Билјана Белевска Пројковска за судија во кривичната област, и Ристо Сотиров, Дејан Крстанов и Александар Илиевски за судии за граѓанска област. За огласот за избор на овие судии беше формирана Комисија за рангирање, со претседател Антоанета Димовска.

Белевска Пројковска доби 13 гласа (прворангирана, со речиси 20 години стаж, од кои 14 години работела на предмети од кривичната област во охридскиот Основен суд). Димовска посочи дека во согласност со изготвената ранг-листа од Комисијата за судија од кривичната област се пријавиле пет кандидати, но во текот на постапката судијката Виолета Крстиноска од Ресен ја повлекла пријавата.

За изборот на тројцата судии за битолска Апелација за граѓанска област, Димовска кажа дека биле пријавени пет кандидати. Прв на списокот е судијата Ристо Сотиров, втор – Дејан Крстанов, трет – Кирил Јовановски, четврти – Александар Илиевски, сите од Основниот битолски суд и петта – Јасмина Шишковска-Стојковиќ, судијка и актуелен претседател на Основен суд Прилеп. Димовска истакна дека Шишковска-Стојковиќ е петта бидејќи нема сертификат за англиски јазик, иако е со најдолг стаж во граѓанската област и имала максимални поени по однос на усното изразување и за писмени одлуки.

Членовите на Судскиот совет најавија дека ќе се работи на допрецизирање на правилниците за бодувањето, според кои се формира ранг-листата на кандидатите, како и дека сертификатот за англиски јазик како критериум треба да биде од секундарно значење. Рангирањето за овој избор било според старата методологија, а од следниот избор ќе се применува новиот правилник.

Судијката Данка Ристова, нова членка на Судскиот совет, која е сопруга на градоначалникот на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека требало да се работи на изготвување на правилниците. За неа е нелогично да не се гласа за некој што е погоре на ранг-листата, а да се гласа за тој што е по него.

– Во поглед на начинот на бодување и рангирање, повеќето колеги изнесоа мислење дека тој не е добар. Некои измени се направени во смисла на добивање бодови за јазикот. Имајќи го ова предвид, неспорно дека сите кандидати се многу блиску во поените, сметам дека не е нарушување на принципот доколку се направи пермутација со едно место. Ние не го избираме 20-тиот на списокот, туку наредниот, поради тоа ми беше полесно да ја донесам одлуката за наредниот кандидат – рече претседателот на Судски совет Александар Камбовски.

Ова е прва седница со која претседава новоизбраниот претседател на Советот, судијата Камбовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот