Тројца доктори од Струга обвинети за вадењето на органите на родилката Јилдз Веапоска – ја дупнале бубрежната артерија при царскиот рез

Јалдз Веапоска

Против тројца лекари од струшката болница е поднесен обвинителен предлог за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето, затоа што на родилката од Дебар Јилдз Веапоска, која во струшката болница отишла да се породи со царски рез, и ги извадиле матката, јајникот и бубрегот. Овој случај го откри Слободен печат, а актуелен беше во 2020 година. Веапоска е медицинска сестра од Дебар, која имала уредна бременост која требало да заврши уредно со царски рез во болницата во Струга. Меѓутоа, кога отишла таму, а царскиот рез бил изведен, четири денови имала обилно крвавење и тешки болки, кои довеле до втора хируршка интервенција, после која таа остана без три здрави органи, матка, јајник и бубрег.

Според информациите на Слободен печат, обвинителен предлог има за тројца лекари од струшката болница и тоа првообвинетиот е лекар специјалист гинеколог акушер, вториот лекар специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата била лекар гинеколог акушер.

Тие според обвинителниот предлог при укажувањето на лекарската помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

Првообвинетиот доктор и тогашен директор на болницата Мухамед Асани заедно со второобвинетиот, го извеле царскиот рез, ама при тоа ја оштетиле левата бубрежна артерија. Поради тоа се влошила состојбата на Веапоска, но тие не презеле никакви мерки за уврдување на причините на влошувањето на нејзината состојба. Со терапијата што и ја дале дополнително и ја влошиле состојбата на пациентката и кај неа настанала огромна загуба на крв и шок.

Во таква состојба, обвинетите лекари се решиле да ја оперираат Веапоска пак, па и ја отстраниле матката и јајникот иако на овие органи немало никакви повреди. Кога и по затворањето на пациентката, крварењето не престанало, тие пак се решиле на операција при што откриле дека крвавењето е од бубрежната артерија што била оштетена при царскиот рез. Не можело да се реконструира таа артерија, па морало да се подврзе, и да се отстрани левиот бубрег за пациентката да не умре. Кога сето тоа било завршено, лекарите од струшката болница ја испратиле Веапоска во Скопје, на комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Слободен печат дознава, дека сите горенаведени информации, се наведени и во медицинско вештачење кое на барање на обвинителството го завршиле лекари од Институтот за судска медицина. Тие во вештачењето констатираат дека има лекарска грешка и наведуваат дека одговорноста е кај сите што биле вклучени во операцијата.

Ова вештачење Институтот за судска медицина го заврши уште на почетокот на февруари, ама на обвинителството во Струга му требаа дополнителни три месеци за да го состави обвинителниот акт.

Инаку, кога беше актуелен случајот, министерот за здравство Венко Филипче формираше стручна комисија да испита дали има некои пропусти во лекувањето на Веапоска. Таа комисија тогаш констатираше дека единствениот пропуст е тоа што бебето на Веапоска, било запишано со погрешен пол во медицинската евиденција. Меѓутоа, Институтот за судска медицина во своето вештачење, наведува дијаметрално спротивни аргументи и тврдења во кои посочува на лекарска одговорност за несоодветниот третман во болницата во Струга.

Слободен печат во текот на разработувањето на предметот за родилката Веапоска, обзнани дека гинекологот и тогашен директор на струшката болница Мухамед Асани, имал дома гинеколошка ординација на диво, во која прегледувал пациентки со години, по што Државниот здравствен и санитарен инспекторат му ја затвори, а обвинителството му одреди тримесечна условна казна. Тоа беше причината и по долги месеци двоумење, министерот за здравство Филипче, да го смени Асани од директор во струшката болница.

Инспектори со полиција влегоа во куќата на лекарот што ја оперираше жената што остана без бубрег, матка и јајник

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот