
Трката по профит ги става „во торба“ животите на гостите на прослави и забави од користење пиротехника
Работата на лиценцираните фирми строго се следи од Министерството за внатрешни работи, кои ги посетуваат и имаат информативни консултации со нив. Како што неофицијално дознаваме по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сите официјални компании што работат со пиротехнички средства биле посетени од полицијата
Десетина лиценцирани фирми за работа со пиротехнички средства има во земјава, а од нив во Скопје се 3, во Струга – 2, во Гостивар, Велес, Битола и Охрид има по една ваква фирма, но не е познат бројот на оние што се во „сивата зона“, дознава „Слободен печат“ од искусни пиротехнички експерти. Работата на лиценцираните фирми строго се следи од Министерството за внатрешни работи, кои ги посетуваат и имаат информативни консултации со нив.
Препорачано
Како што неофицијално дознаваме по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сите официјални компании што работат со пиротехнички средства биле посетени од полицијата. Пиротехничките експерти не знаат кој ги запалил прскалките на концертот на ДНК и не сакаат да шпекулираат, но предупредуваат дека колку што оној што ракува со нив е необучен и неискусен, толку е поголема опасноста за безбедноста на присутните на каква било прослава, забава или концерт.
Особено, додаваат нашите извори, што на сè повеќе вакви настани се палат некакви факели или прскалки, а тоа може да биде сериозна закана за гостите.
– Лиценцираните фирми избегнуваат да користат прскалки, но има и такви што се решаваат да ангажираат лица што за ситни пари ја ставаат и својата и главата на стотици луѓе во „торба“. Одбиваме секакви понуди за користење пиротехника во несоодветни сали или дискотеки – велат нашите извори.
Како што веќе објави „Слободен печат, според член 39 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, палење ракети и приредување огномет, факелијада или слични приредби, мора да се пријави во Секторот за внатрешни работи на МВР на чие подрачје ќе се одржи приредбата најдоцна пет дена пред почетокот на приредбата. Во пријавата од ставот 1 на овој член се наведува местото, времето и целта на палењето, односно одржувањето на приредбата, бројот на факлите, односно количеството на пиротехничките средства што ќе се употребат и мерките за безбедност што ќе се преземат.
Пријавувачот е должен да ги спроведе мерките за безбедност што ги навел во пријавата, како и мерките што му ги определил Секторот за внатрешни работи на МВР. Секторот за внатрешни работи на МВР на кого му е поднесена пријавата може да го забрани палењето на ракети, односно одржување на приредбата ако тоа го бараат причините на безбедноста. Писменото решение од ставот 4 на овој член ќе се достави на пријавувачот најдоцна 48 часа пред одржувањето на приредбата Членот 32, пак, од истиот Закон пропишува дека кој на јавно место неовластено приреди огномет, факелијада или слична приредба или не преземе мерки за безбедност, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност.
За прекршокот од ставот 1 на овој член, ќе му се изрече глоба на правното лице од 50 до 1.000 евра во денарска противвредност – за микротрговци, од 50 до 2.000 за мали трговци, од 250 до 6.000 евра за средни трговци и од 250 до 10.000 евра за големи трговци и за одговорното лице во правното лице од 50 до 500 евра во денарска противвредност.
Секоја година МВР презема засилени активности да ја спречи злоупотребата на пиротехничките средства, со засилена динамика пред и околу новогодишните празници, имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, но останува непокриен голем дел од сивата зона.
– Треба да се знае дека не само петардите, туку и факелите и прскалките не се играчки, туку опасни средства што можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето на луѓето – нагласуваат нашите извори.
Од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија постојано истакнуваат дека се големи повредите и трајните компликации од нив.
– Ако е алармантно тоа што најголем ризик за повреди од петарди се рацете, може да замислите какви се оштетувањата од посилни пиротехнички средства. Дури и мала експлозија може да доведе до траен инвалидитет, што понатаму влијае и врз физичките способности и врз емоционалната благосостојба – истакнуваат лекарите.
Во Скопје од 13 контролирани објекти, само 2 имаат лиценца за кабаре, 8 имаат истечени, а 3 објекти немаат лиценца
На територија на државата се извршени околу 50 контроли во текот на 16 и 17 март во угостителски објекти што имаат лиценца за работа која се однесува на кабаре, ноќен клуб, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор, информира Марија Митева, портпаролка на Владата. Според овие контроли ,на увид се приложени лиценци за вршење угостителска дејност што се со важност и тие се 22 на број на целата територија на државата, но има и 15 лиценци што се со истечена важност.
Во Министерството за економија се прави и проверка на лиценците дали повторно има некој случај со злоупотреба на архивското работење, односно некоја лиценца да е заведена по друга основа.
Пиротехниката да се забрани во бугарските дискотеки и ресторани!
Сакам итна законска забрана за сите пиротехнички и запаливи активности во дискотеките и објектите во Бугарија! Ова на социјалната мрежа го напиша Никола Рахнев од Гората.бг. Тој за „Телеграф.бг“ изјави дека размислува или да започне онлајн петиција или да достави писмо до надлежните органи. Причина за неговото барање е пожарот предизвикан од фонтани со огномет што се запали во затворена просторија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Македонија, за време на концерт на групата „ДНК“. Во несреќата загинаа 59 лица, а уште 155 се повредени. Случајот покажал многубројни недостатоци и открил дека во дискотеката имало само два противпожарни апарати.
– Огномет треба да има, но само да го организираат институциите – државата, општините и лиценцираните фирми, кои треба да бидат одговорни. Целосно да се забрани да се продаваат во Бугарија и да не се увезуваат пиротехнички производи над одредена моќност и ниво на бучава – рече Рахнев.
Според него, треба да има заострување на барањата и контрола, како и да се направат повеќе излези за евакуација и да се преземат повеќе мерки за заштита од пожари. Според Рахнев, темата особено станува актуелна за време на празниците, особено на Нова година, кога болните луѓе и животните лудуваат од страв поради бучавата, има загаденост на воздухот и луѓе со отсечени прсти. Директорот на Генералната дирекција „Противпожарна безбедност и заштита на населението“ (ГДПБЗН), главниот комесар Александар Жартов, посочи дека во бугарските регистри има околу 260 слични објекти и секоја година се проверуваат барем еднаш.
„Кога ќе се открие прекршок, се преземаат соодветни мерки. Ние обично изготвуваме нешто повеќе од 70 налози годишно. Изготвуваме и меѓу 10 и 20 акти за административни прекршоци“, објасни тој и додаде дека објектите се предмет на контрола при нивното проектирање, изградба и работа.