Трипати „не“ за нова монтажна гаража во Капиштец, Герасимовски вели дека Град Скопје го кочи проектот
Општина Центар добила три негативни мислење од Град Скопје за овој проект, со образложение дека гаражата ќе пречи на изградбата на булеварот Македонија, кој се најавува со години, иако станува збор за монтажен објект кој доколку е потребно во иднина може да се размонтира..
Проблемот со недостигот на паркинг-места во населбата Капиштец, Општина Центар требаше да го реши со изградба на уште една монтажна гаража покрај улицата Народен Фронт, иста како онаа што е веќе изградена пред повеќе од десетина години спроти ТЦ „Беверли Хилс“.
Со новата гаража требаше да се добијат нови 260 места за паркирање што за тамошните жители, но и за гостите во населбата би било многу значајно. Притоа, предноста на монтажните гаражи е што тие всушност се поставуваат над веќе постоечки паркинг, па на ист простор се добиваат двојно повеќе места за паркирање.
Уште пред две години од Општината соопштија дека во тек е постапка за јавна набавка за избор на изведувач, а дека нејзината изградба ќе почне веднаш откако ќе биде направен изборот. Но досега изградбата не е започната, а неизвесно е и кога и дали тоа ќе се случи наскоро. Проблемот е што Град Скопје не дава позитивно мислење.
Од Градот ни се кочат одредени проекти, капитални проекти, кои се ставени во програмите, одвоени се буџетски средства, а добиваме негативни мислења од Градот. Конкретно можам да посочам дека еден од тие проекти е монтажна гаража во населбата Капиштец, која досега требаше да се реализира, но за жал по третпат добиваме негативно мислење за истиот проект. Причина е отпочнување на реализација на булеварот Македонија, оној познат булевар за кој се зборува децении наназад, што ќе почнува од „Лимак“, па да се протега сѐ до Карпош – вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој, на неодамнешниот брифинг со новинарите нагласи дека претходно сите работи околу овој проект биле договорени на состаноци со претходниот директор на „Паркинзи на Општина Центар“, со градоначалничката Данела Арсовска, а дека присуствувале и тимови од општинскиот сектор за урбанизам и планирање.
Имавме состаноци на кои сите работи за реализација на овој проект беа договорени. Требаше монтажниот паркинг да оди не само во должина покрај Народен Фронт туку и над постојниот паркинг на „Градски паркинг“ сѐ до АМСМ за да искористиме што е можно повеќе паркинг-места. И на сѐ договорено добиваме негативен одговор. А планот беше горе да се постават и фотоволтаици за добивање електрична енергија – објасни Герасимовски.
Проблемот со паркирање во Капиштец ќе се „олеснува“ со уште една монтажна гаража
Во второто барање што Општината го поднела до Град Скопје била додадена и обврската дека 30 дена пред да отпочне изградбата на булеварот паркингот ќе се размонтира и ќе се дислоцира на друго место, но мислењето од Град Скопје повторно било негативно. По барање на Герасимовски била договорена уште една средба на која им било побарано да направат нов проект со кој нема да се зафаќаат површините со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ туку дека монтажната гаража ќе се протега по линијата на улицата Народен Фронт.
По менување на проектот и повторно со инсистирање дека 30 дена пред да отпочнат паркингот нема да пречи, ќе ја дислоцираме и другата монтажна која е долж улицата, добиваме трет пат негативен одговор. Сега бараме помош од Министерство за транспорт и врски за да видиме дали има можност тие да ни дадат дозвола за да продолжиме со проектот – вели градоначалникот на Центар.
Проблемот со паркирање Капиштец трае до години, иако во минатото не бил толку голем, поради тоа што секое домаќинство имало по еден автомобил, а не како сега по два или три. Најголем проблем е што паркинзите уште тогаш не биле целосно добро испланирани, како што вели Герасимовски – на толку високи згради немало подземно паркирање, а капацитетите на улиците не е доволен за паркирање.
Непланското урбанистичко планирање довело до проблеми што сега треба да се решаваат. И затоа донесуваме одредени правилници во делот на издавање градежни дозволи, мора да има колку што има станови толку паркинг-места, да има доволен број паркинзи за велосипеди и да ги нема непопуларните „клацкалки“, кои никој не ги правел оти многу чинеле и во многу мал број згради се вметнати – смета првиот човек на Општина Центар.
Центар има големи проблеми со паркирањето, а особено во Дебар Маало, Буњаковец, зад Универзална, на улиците околу градскиот плоштад и во Капиштец. Паркирањето го регулираат две претпријатија, ПОЦ и „Градски паркинг“, цените за паркирање се највисоки во овој дел, голем дел од улиците се направени еднонасочни за едната лента да се намени за паркирање, па сепак секогаш е речиси невозможно да се најде слободно место. Ова е особено проблематично за жителите што секојдневно се соочуваат со овој проблем.
Всушност, сите анкети и истражувања кои ги прави Општината на годишно ниво со кои треба да се утврдат проблемите и потребите на граѓаните, покажале дека најголем проблем за центарци, како што вели Герасимовски – секогаш е паркирањето.