Трик или промена: ВМРО-ДПМНЕ ќе го „брише“ Груевски од почесен претседател?

Фото: Архива на „Слободен печат“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има намера да донесе нов Статут на партијата, во кој меѓудругото ќе биде укината функцијата „почесен претседател“, која сега ја има поранешниот лидер Никола Груевски, во намера да се прикаже пред меѓународните фактори како „реформатор“ кој има намера да расчисти со тешкото наследство од „груевизмот“.

Имено, во ВМРО-ДПМНЕ се поголемо е уверувањето дека без некакво „ребрендирање“ партијата тешко или никако не ќе може да биде прифатена од меѓународните фактори како сериозен партнер на македонската политичка сцена на подолг рок. Освен за пред странците, на ВМРО-ДПМЕ таквото „ребрендирање“ му е неопходно и за враќање на сосема уништениот капацитет за коалицирање со партии од албанскиот политички блок, како и за привлекување на умерените гласачи од десницата и од центарот.

Сепак, според наши извори во партијата, расположението за вистински реформи и за вистинско дистанцирање од Груевски кај актуелното раководство е далеку од автентично. Станува збор само за потреба така да се прикаже во јавноста, да се презентира слика дека Груевски и неговите најблиски соработници веќе немаат никаква моќ во партијата, што е далеку од вистината, а во заднина работите да останат исти.

Да биде иронијата поголема, автор на целата стратегија за фингираното „расчистување со Груевизмот“ е Мартин Протуѓер, токму еден од неговите најголеми експоненти.

Прв чекор во тој план е промоција на нов Статут на ВМРО ДПМНЕ, во кој ќе има козметички измени, но кои ќе бидат прикажани како револуционерни и како одговор на барањата за внатрепартиско реформирање, што го покренаа тнр. реформатори. Измените ќе бидат минорни, ќе се однесуваат на пример, на улогата на Унијата на жените во партијата, на Унијата на младите, но во суштина изборот на Општински организации ќе остане и натаму под строга контрола на раководството, а статутарните позиции на најтесното раководство и натаму ќе останат неприкосновени.

За ВМРО-ДПМНЕ и за Мицкоски е важно овој Статут да добие европска поддршка, пред се тоа треба да им го донесе фактот што од партијата се „брише“ Никола Груевски. За таа цел Статутот веќе бил испратен на разгледување кај Европската народна партија, за него се добиени некои забелешки, по што треба да биде испратен на повторно разгледување.

За оваа цел, тврдат наши извори во партијата, се врши интензивно лобирање (некои тврдат и „кеширање“) на старите лоби-конекции во ЕПП, воспоставени од Никола Груевски, и тоа со негово знаење и лобирање. Целта на целата операција е ЕПП да ја „поздрави“ промоцијата на новиот Статус на партијата.

Следен чекор, за кој се задолжени најмоќни функционери од поранешната власт, предвидува врбување и кооптирање на дел од реформаторите, кои треба јавно, на прес конференција, да „изразат задоволство“ од новиот Статут и формалното „разрешување“ на Груевски од почесното место, со што би прогласиле успех на нивните заложби за внатрепартиски реформи, и почеток на помирување и консолидирање на партијата. За ваквата улога се предвидува „задоволните реформатори“ да бидат великодушно наградени од поранешниот партиски моќник.

Последниот чекор од планот, велат нашите соговорници, е задача на Мицкоски. Тој треба да промовира нов Извршен Комитет на партијата, во кој ќе има еден или двајца реформатори, неколку прозападни фаци како поранешните амбасадори Андреј Лепавцев и Васко Наумовски. Со тоа ќе им се покаже на странците дека ВМРО-ДПМНЕ успешно се реформирала и дека станува прозападна партија. Тоа треба да му овозможи поголема подршка на Мицкоски и кај останати граѓани, кои во овој момент се незадоволни од СДСМ и од Заев.

Сето ова треба да се случува во текот на летните одмори, најдоцна во септември. Епилогот треба да биде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да се „маскираат“ како прозападни, а да останат продолжена рака на Груевски, Мијалков, Протуѓер и на останатите екс-функционери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот