Триесет отсто од средношколките не разговараат за сексуално-репродуктивниот период

Триесет отсто од средношколките не разговараат за сексуално-репродуктивниот период, 35 отсто не знаат што претставува овој период, а 55 отсто немаат соодветни услови на училиште за да можат да менаџираат со своето менструално здравје. Ова го покажала анкетата спроведена од граѓанската организација „Новинари за човекови права“, пишува „Мета.мк“.

Резултатите беа презентирани на настанот кој се одржа на платото во трговскиот центар „Бисер“, каде што беше одбележан Денот на меструалното здравје.

На настанот присуствуваа Ричард Малион од Британската амбасада во Скопје, професорката Даниела Николова, претставници на организацијата, како и Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт.

-Во анкетата која ја спроведовме во три училишта за средно образование, а во која учествуваа 110 ученици, три отсто од нив кажаа дека користат хартија или други средства кои не се основни менструални производи- рече Андреа Накова од организацијата.

Наташа Доковска од Новинари за човекови права истакна дека овој ден се одбележува за да се влијае на едукативните содржини во однос на менструалното здравје.

-Менструалното здравје сè повеќе станува тема за која се дискутира, а наша крајна цел е до 2030 година секое девојче да има пристап до производите за менструално здравје. Британската амбасада го поддржува овој проект. Веќе се адаптирани тоалети во неколку училишта. Направивме 12 онлајн предавања во кои беа вклучени ученици. Секое девојче треба да има пристап до менструалните производи, а во исто време продолжуваме и да се бориме против даночната дискриминација, т.е. бараме да се намали ддв-то на овие производи. Се стремиме и кон тоа секое девојче да добива бесплатни производи во училиште. Менструацијата не запира во време на пандемија, затоа и бараме да се обезбеди континуирано образование за менструалното здравје- рече Доковска.

Од организацијата најавија дека од понеделник започнува нов проект со Британската амбасада, кој вклучува изработка и употреба на влошки за повеќекратна употреба. Во тек е и петиција, се собираат и потписи, а кога ќе се соберат 10.000 потписи, ќе биде побарано да биде намален ДДВ на овие производи, со цел да станат достапни за секое девојче.

Велика Британија е прва држава в светот во која секое девојче добива бесплатни производи. Мелион рече дека милиони девојчиња се соочуваат до недостиг од средства за менструална хигиена.

-Со проблемот со недостиг на средства за хигиена се соочуваат милиони девојчиња и жени низ светот, а тоа придонесува да има отсуства од училиште. Ние работиме на ова прашање во изминатава година со Новинари за човекови права. Направивме адаптирани училишта во Тетово и во Ресен, имаше и онлајн предавања- истакна претставникот на амбасадата Мелион.

Директорот Каевски, пак, кажа дека му е задоволство што Агенцијата е вклучена во овој проект.

-Уште од почетокот сфативме дека час поскоро треба ние како Агенција да се вклучиме за развивање на оваа тема и да се подобрат условите во средните и основните училшта и ова прашање да го подигнеме на повисоко ниво. Се стремиме да се производите бесплатни за сите девојчиња во нашата држава. Драго ми е што сè повеќе луѓе се вклучуваат и верувам дека ќе ја постигнеме целта- рече директорот.

Професорката Николова рече дека поразува фактот дека 15 отсто од девојчињата користат весници наместо влошки, а дека 90 отсто од девојчињата во руралните средини, отсуствуваат од настава во деновите на менструалниот циклус.

-Ова покажува дека сиромаштијата, предрасудите се насекаде околу нас. Ние проблемите може да ги престориме во разумни желби, а тоа мотив да започнеме некаква акција. Недозволиво е младите да немаат информации за своето здравје. Недозволиво е девојките да немаат информација за менструалното здравје- рече таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот