Триесет и шест екс-пратеници ќе земаат апанажа, Талат Џафери е на платен список од Собранието

Талат Џафери, технички премиер/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вкупно 36 пратеници од претходниот состав ќе примаат една година апанажа, односно плата во висина од околу 2.000 евра. На денешната Комисија за прашања за избори и именувања поминаа решенија за апанажи на седум поранешни пратеници, но неодамна на претходната седница беа утврдени апанажи на 29 нивни колеги.

Решение за апанажа добија поранешните пратеници Арбен Зибери, Љатифе Шиковска, Енес Ибраим, Снежана Калевска Ванчевска, Бастри Бајрами, Вјолца Адеми и Бедри Фазли.

Пратеникот и технички премиер во заминување Талат Џафери ќе земе пратеничка плата откако на Комисијата поминаа и решенијата за плати на пратениците од актуелниот пратенички состав.

Милошоски, Митрески и Бендевска се новите потпретседатели на Собранието

Неизвесно е дали Џафери за периодот во кој сè уште е на функцијата технички премиер ќе земе плата и од Влада.

Неодамна објавивме дека според досегашната пракса, претходните премиери кои биле избрани за пратеници ни потврдија дека во тој период зеле плата, но „не се сеќаваат“ од која институција, дали од Влада или од Собрание.

На Комисијата беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.

Комисијата го усвои и барањето за остварување на плата по престанок на функцијата член на Советот на јавните обвинители на членот Арбен Исаку.

Со мнозинство гласови, денеска беше утврдена и Предлог – одлука за изменување и дополнување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија

Под точката разно, претседателот на Комисијата, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, ги информираше членовите дека потпишал решенија за плата на сегашните пратеници на кои што Собранието им го верификувало мандатот, на координатори на пратенички групи, на избрани претседатели на работни тела, на новиот претседател на Уставен суд, Дарко Костадиновски, како и на поранешна претседателка на судот, Добрила Кацарска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот