Трици и кучини, живот што значат

Изгледа како да постои некоја повисока логика во обратната пропорција помеѓу зловестите знаци што ја најавуваат катастрофата и нејзините размери, силина и последици. Поради тоа, колку поголем, поширок и подлабок е зафатот на катаклизмата, толку се поразредени, посуптилни и посрамежливи настаните и индициите што неволјата ја навестуваат.

Или, можеби, најавите и не се толку срамежливи, но секогаш се на маргините на јавниот интерес, запоставени и несфатени, далеку од епицентарот на чаршиското внимание, кое – како и секогаш – страствено се занимава со најмалограѓанските, најефемерните, најдолните и најневажните трици и кучини во вселената.

Спротивно на баналната плиткост на чаршиската јавност, навременото и продлабочено читање на овие тивки искази и нивното дешифрирање, како и неопходното медиумско и политичко засилување на повикот за тревога, сигурно би спасило многу добра и човечки животи, но тоа практично никогаш не се случило: историјата е вистинско гробје на цивилизациите што не умееле да ги прочитаат и правилно да ги сфатат знаците што ги предупредуваат на неминовната пропаст.

Култура на тешење

Испаѓа дека општествата биле не само неспособни да ги препознаат навестувањата на движењата, процесите и историските тенденции што потоа ќе остават уништувачки последици по нив, туку и отпосле не покажувале подготвеност да ги анализираат овие знаци за да ги направат употребливи за во иднина и отсекогаш пасионирано ја одгледувале самозалажувачката култура на заборавот. Централна теза на оваа култура на тешење е и денес универзално најомилената заблуда за непрекинатиот развој на цивилизациите, човечките општества и културите. Оваа општоприфатена мантра за континуитетот и прогресот на човештвото се храни од фактот што во неколкуте милениуми документирана историја процутуваа и исчезнуваа многу просторно изолирани, локални, регионални и супконтинентални цивилизации. Нивното наизменично светнување на темното небо на минатото ја предизвикува илузијата на континуитетот на човековиот развој низ време, што обичниот човек би требало да го умири во утешните прегратки на илузијата дека работите закономерно одат од добро кон подобро, дека „времето лечи сè“, и дека нема ситуација во која човештвото не се извлекло со некое ново откритие, нова спасоносна вера или друга итроштина.

Но, ништо од тоа: световите исчезнувале неповратно, заедно со сите знаења, искуства и пораки, а трошките од континуитет се пренесувале од цивилизација во цивилизација случајно, неконтролирано и несакано, како микроби со долга инкубација што патуваат во организмот на болвите сокриени во крзната на номадските стаорци. Предноста на цивилизациските катастрофи од минатото се состои единствено во фактот што, како што веќе спомнав, културите биле просторно ограничени, што пак обезбедувало огромни можности за нов процут и развој, на нова локација, на девствена почва, незагадена од урнатините на претходно уништената.

И, иако денешната ситуација е драстично поразлична од секоја мината, зашто човечката цивилизација денес веќе го освои целото пространство на планетата и со својата глобалистичка стратегија на несопирлив материјален раст сериозно го разниша целиот жив свет, сите почви, води и биоценoзи, а како што гледаме, врши и девастирачко влијание на составот на атмосферата и на термичкото однесување на целата планета, реакциите на агресивните климатски промени и масовното уништување на видовите се повторно на маргините на интересот не само на политичките и капиталистичките елити (во чиишто раце се сите средства што би можеле да се употребат за спас на планетата), туку и на светската чаршија која и понатаму се занимава со трици и кучини.

Опсесија со прашањата за потеклото

Обесхрабрувачки до очај, но за нас Македонците од сите провениенции по малку и охрабрувачки: во оваа работа сме не само споредливи со развиениот свет, туку можеме да се сметаме за вистинска авангарда. Ние веќе со годиништа, наместо со вистинските предизвици на иднината, опсесивно се занимаваме со прашањата на нашето потекло – „од палеолита до Тита“, со нашиот идентитет, со вмровските митови и култови, со елементарни проблемчиња од вежбанката „Демократија за тупаци“, со спорење за постоењето на основните факти за природата и општеството, со афери и аферички за тоа кој кому што и колку… и слично.

И така, летоска, кога се зададов кон Бјалото ни море, по саат и кусур брзо автопатско возење, застанувам на последната бензинска пумпа пред излез од татковината, полнам бензин и се фаќам рефлексно, по навика, за чистачот на шофершајбни оставен до пумпата во кофа со вода и детергент. Го земам в рака стапот со сунѓер, приоѓам до шофершајбната и запрепастено забележувам дека на стаклото има остатоци од само еден единствен инсект!? Ја поминав целата татковина со брзина од над сто километри на час (што е смртоносно за сите инсекти што ќе се судрат со предното стакло на возилото), среде убав летен ден и излегувам од земјата со чиста шофершајбна, со само една протеинска флека?

Чуденката, меѓутоа, ми остави само матна празнина во главата, зашто морав да го продолжам патот. Меѓутоа, кога стасав до далечното место на брегот на Егеј, уште 550 километри потаму, и по десетина дена повторно назад, по 700 километри долгото патување, го препознав тивкото и срамежливо најавување на глобалната катастрофа што почнала да се тркала: на 1.400 километри пат несреќна смрт на моето предно стакло најдоа само четири (и со бројка – 4) инсекти! Тоа значи дека (и) на Балканот се случило масовно изумирање на сите видови на летечки инсекти! Јасно ви е? Тоа е јасен доказ дека исчезнуваат животинските видови кои се најбројни на планетава и во изминатите стотина милиони години се покажале како најдобро адаптирани и најуспешни видови што го беа исполниле целиот летачки (и лазачки) простор!!

Не треба, почитувани читатели, да ве потсетувам дека во децениите што ги паметам, по слично возење предното стакло закономерно стануваше како слика во маслена техника потпишана од Џексон Полок, низ која не можеше да се здогледа ниту призрак од летното сонце. И, се разбира, не треба да ви нагласувам и дека овие зловести знаци покрај патот, овие тивки искази без ниту еден збор, едно навистина срамежливо и скромно масовно умирање на постарите другарчиња од животинското царство, не оставија видлива трага во острастената и хистеризирана чаршиска дебата околу егзистенцијалните трици и кучини, живот што значат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот