Трибина „Патот до независноста“: Од сенките на федерацијата и на Милошевиќ нѐ извлече европската заедница
Во тој турбулентен период на глобалната и регионалната политичка сцена, било очекувано настаните да бидат проследени со немири и вооружени конфликти, но оти во земјава таквите воени судири биле избегнати, кажа премиерот Зоран Заев на трибината „Патот до независноста“ што на негова иницијатива денеска се одржа во Владата по повод 30-годишнината од независноста.
-Нашата земја во периодот кога се осамостојуваше за среќа помина без оружени конфликти, а моето лично мислење за рефередумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања, додаде премиерот.
– Тие години во нашата земја се тесно поврзани со глобалната и регионалната политичка сцена од крајот на крајот на 80-тите како на пример падот на Железната завеса и распадот на Југославенската Федерација. Во такви околности сосема е очекувано настаните да бидат проследени со сериозни тенденции за турбулентен развој на процесите и настаните, па дури и со немири и оружени конфликти. За среќа, нашата земја во тој период помина без оружени конфликти. Секако, се уште жалиме за младите луѓе кои во тие години ги загубија животите во униформите на ЈНА, истакна Заев.
Во однос на референдумското прашање кое гласеше – Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз со суверени држави на Југославија, Заев рече дека тоа било израз на политичките односи во тоа време и компромис меѓу македонските политички партии после долги и жолчни дебати, но не и консензус меѓу заедниците.
– Најголемата заедница после македонската, албанската тогаш инсистираше на референдумско прашање кое повеќе ќе ги дефинира внатрешните односи помеѓу заедниците во државата отколку односите со остатокот од Југославија. Рефрендумското прашање особено во вториот дел превираше и меѓу Македонците во поголем дел на национално обоените политички партии и кај граѓаните блиски до нив. Тогаш голем дел од граѓаните гледаа скриена стапица дека државата ќе се врати повторно во нешто што ќе остане од Југославија. Мојата лична опсервација на овие контраверзии на референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања кои беа врвен приоритет и на претседателот Киро Глигоров кој беше свесен за пресудната улога на меѓуетничкиот соживот, како и зачувување на мирот во земјата, истакна Заев.
Според поранешниот премиер Љубчо Георгиевски требало да дојде до јубилеј за да сме свесни што сме постигнале.
-Денеска зборуваме за 30 години самостојност што е моќна бројка и гаранција дека и покрај сите премрежија ќе сме сигурни уште сто години. За време на распадот на Југославија, Македонија не беше некој фактор и без сомнение без тој распад ќе немавме самостојност и колку и цинично да звучи најзаслужна беше грубата политика на Милошевиќ. Сите процеси на тоа распаѓање течеа паралелно, и политички и економски, но едно е јасно ако самостојноста не беше поддржана од сите фактори, макар пасивно, ние немаше да имаме независност, кажа Георгиевски.
Првиот претседател на првиот македонски Парламент Стојан Андов, говорејќи на дебатата истакна дека таа наша историја на независна држава од 91-ва, почнува со првата седница на Собранието со која претседавал најстариот пратеник Никола Стојановски.
– Седницата заврши со мој избор на претседател на Собранието. Таа вечер стигна материјал од претседателсвото на СФРЈ и добив покана да ја преставувам новата власт во Македонија. И другиот ден одржавме седница посветена на тоа барање. Тогаш Милан Кучан побара претседателството веќе да не го има врз СФРЈ туку да се пренесе кај републиките. Сите се согласивме со тоа, но изби некој спор меѓу Туѓман и Милошевиќ, рече Андов.
Тој потсети дека на 25 јануари била донесена Декларацијата за сувереност на Македонија и е првиот акт за прогласување независност на Македонија.
– Претходно, на 17 јануари, Глигоров беше избран за претседател со 116 гласови. Потоа го ставив за дискусија на дневен ред предлогот за декларацијата за сувереност, која потоа ја донесовме на 25 јануари, и таа декларација за сувереност тогашниот премиер на Југославија Анте Марковиќ ја прогласи како антиуставна пред правосудството на Југославија, при што развлече еден спор, но таа декларација си живееше бидејќи уставните судии не успеаја да се состанат, раскажа Андов.
Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски истакна дека е важно секоја држава да има архива и таа да не биде интерпретација само на современицит, па оттаму е важна оваа трибина.
-Стекнувањето независност на Македонија е една историска случка која не се повторува, таму се поставени корени од каде се уште се влечат политиките. Одговорноста е огромна на политичките елити во таков период на промена. Тежината на одлуките имаа посебна важност. Ако ја утнете работата и тргнете со национализам секако ќе дојде до конфликт. Бевме сами долг период, без разлика што имавме стратешки партнер што не поддржуваше. Како земја на раскрисница или ќе ја контролираме државата или ќе не поделат. Во околности, без армија, со пет илјади луѓе со оружје и со отворени прашања со сите соседи, странците се чудеа што војна во Македонија не изби, кажа Фрчкоски нагласувајќи дека суштествен дел на процесот е инкулзијата, особено со Албанците.
Тој напомена дека најголема опасност за нас бил режимот на Милошевиќ и Србија била и последната држава што ја признала нашата независност.
-Борбата на идентитетските прашања на Македонија се одвиваше и со Грција и Бугарија. Единствената граница отворена тогаш нни беше со Бугарија, тие ни помогнаа суштествено со тој гест на владата на Желев. Сепак судириот на идентитетски прашања се решава дури сега, со Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, изјави Фрчкоски.
Првиот министер за надворешни работи Денко Малески кажа дека негова прва задача била да ја пренесе волјата на народот, но голем предизвик било формирањето на институциите.
-Мојот прв ден на работа беше на четвртиот спрат во Заводот за статистика, во еден валкан ходник и првата кореспонденција што ми ја донесес секретарката беа сметки за вода и барање за одмор. Министерството броеше четирисетина луѓе, а она што често се заборава е дека ни помогна европската заедница и нре кренаа претседателите и министрите за надворешни работи на високата меѓународна сцена, на посебна конференција за југословенските републики, и ниг го дадоа микрофонот и ни кажаа „повелете, кажете ги вашите идеи“. Така излеговме од сенката на федерацијата и Милошевиќ. Ние тука се легитимиравме и тој начин беше силно поддржан од претставниците на меѓународната заедница, заклучи Малески.