Три важни пораки од УНЕСКО: Охрид е богатство за целиот свет и наша заедничка обврска да го заштитиме и зачуваме

Колаж: СП. (Охрид - Unsplash / Горјан Ивановски, УНЕСКО / EPA-EFE)
Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџак писмено се обрати со појаснување што точно значи одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со која Охрид не е ставен на Листата на загрозено светско наследство.
Нејзината порака ви ја пренесуваме интегрално:

Веста дека Охрид не е ставен на Листата на загрозени светски наследство е добредојдена и носи три важни пораки:

Прво, одлуката на Комитетот за светско наследство да не го стави Охрид на листата не ја намалува итноста да се делува и покрај дополнителните две години што се дадени за да се избегне таа судбина.

Со децении, Охрид е оптоварен со несоодветно и често нелегално градење, со слаб менаџмент на рибниот фонд и недостаток на заштитни механизми за животот под вода. Долго време гледавме апатија кон природните и културните богатства. Проблемите со кои се соочува Охрид сега бараат сеопфатен пристап не само во надминувањето на акумулираната штета, туку и за сето понатамошно планирање и менаџирање на областа. Времето да се делува е СЕГА!

Второ, двегодишното одложување е неверојатна можност за значително зголемени напори кон корективни мерки и подобро менаџирање со местото. Сега, сите напори мора да се удвојат за да се вратат вредностите за кои Охрид е поставен на листата на меѓународни природни и културни богатства. За тоа е потребно координирано делување и блиска соработка меѓу сите засегнати страни, вклучително и локалната и централната власт, граѓанскиот сектор, граѓаните на Охрид и Струга, туристите и меѓународната заедница. Во таа смисла, ги поздравуваме неодамнешните напори на Владата и на општините Охрид и Струга. Ги поздравуваме и посветените напори на граѓанските организации на оваа тема. Подготвени сме да ја обезбедиме поддршката потребна за Охрид да не заврши на Листата на загрозени светски наследства.

Конечно, одлуката покажува дека мора заедно да го заштитиме природното и културното богаствто на Охрид. Мора да делуваме заедно зашто Охрид ни припаѓа на сите нас, на луѓето што живеат на неговото крајбрежје, преку институциите и оштините што го менаџираат неверојатното културно и природно богатство, до сите нас, до граѓаните на Северна Македонија и до граѓаните на светот. Охрид е богатство за целиот свет и наша заедничка обврска е да го заштитиме и зачуваме, за нас и за сите идни генерации.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот