Три месеци нема одговор од Обвинителството за кривичната пријава за случајот на малата Амила

Три месеци, таткото на двегодишната Амила Несимовска од Дебар, Бајрам Несимовски очекува јавното обвинителство во Струга да почне да се занимава со случајот на неговата ќерка.

Амила има нарушување откако е родена, не зборува и не ги распознава родителите или братчето, а Несимовски се сомнева дека ова е резултат на лекарска грешка која настанала при породувањето во струшката болница. Според документацијата што тој ја добил од детската клиника, Амила добила породилна асфиксија односно останала без воздух при породувањето во 2018 година.

Сопругата на Бајрам, Сенида, имала уредна бременост но и било кажано дека околу вратот на бебето има обмотана папочна врвка и дека треба да се изврши породувањето во Струга.

-Девојчето е блокирано, не знае ништо уште. Повредена е, останата е без кислород долго време. Наместо пораѓањето да биде изведено со царски рез, тоа е направено на природен начин. Како може да се врши породување на природен начин без царски рез, ако знаат дека има замотана папочна врвка околу вратот? На сите документи пишува дека асфиксијата е предизвикана, вели Несимоски.

Тој тврди дека осум часови чекал одговор што се случило, а неговата сопруга била на кислородна поддршка за целото тоа време.

– Ми стана јасно дека нешто не е во ред кога многу лекари и сестри се развикаа во ходникот, но мислев дека нешто се случи со сопругата, а за малата не ми падна ни на памет. Недостигал кислород и пораѓањето настанало природно наместо со царски рез, вели Несимовски за Слободен печат.

Адвокатот на Несимоски, Сашо Јанев вели дека преметот е во фаза на претходна постапка.

-Пријавата е против гинекологот Мухамед Асани, очекуваме обвинителот да ја прошири и да се испитаат сите факти. Но, три месеци нема одговор, веројатно се темелни, ни рече Јанев.

Видео на денот