Три лица хоспитализирани во Косово под сомнение за коронавирус

На инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово денеска, под сомнение дека се заразени со коронавирусот, се хоспитализирани едно лице по потекло од Кина и две лица кои допатувале од Италија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Извори од болницата за порталот „Газета експрес” изјавија дека 28-годишниот кинески државјанин нема нагласени симптоми на болеста која потекнува од неговата земја, меѓутоа по изразените сомневања и загриженост тој самиот се јавил на инфективната клиника.

Покрај Кинезот, во приштинската болница се примени и 27-годишна жена која студира во Пjаченца, во близина на Рим и 39-годишен маж кој работи во Милано.

Од сите нив се земени примероци за анализа, а од болницата најавуваат дека резултатите ќе бидат објавени во наредните неколку часа.

Во текот на вчерашниот ден на инфективната клиника беа примени три лица кои допатувале од Италија и за кои постоело сомнение дека се заразени со смртоносниот вирус Ковид-19. Меѓутоа, како и во неколкуте други случаи во минатите денови, анализите резултираа негативни.

Во рамки на косовското Министерство за здравство на крајот на минатата недела е формиран Комитет за следење на заразните болести, кој усвои План за готовност и реагирање при евентуална појава на коронавирусот. Планот ги содржи активностите кои се преземени во случај да се јави потреба од справување со вирусот, а со него се опфатени јавните здравствени установи, организациите и владините агенции, како и Безбедносните сили (ФСК), Полицијата на Косово и царинските служби. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот