Три лица загинаа во шумските пожари во Турција, десетици села се евакуирани

Фото: Миа

Три лица загинаа во шумските пожари во близина на туристичките места на југот на Турција, а десетици села се евакуирани, јавија турските медиуми.

Пожарите во шумите на Манавгат, Аланија, Адана, Мерсин, Бодрум и Мармарис, во близина на туристичките места во јужна Турција, брзо се проширија во населените места поради силните ветрови.

Турскиот министер за земјоделство Бекир Пакдемирли изјави дека во пожарите настрадале и 150 говеда, илјада овци, 600 хектари земјоделско земјиште, а оштетени се и 50 хектари оранжерии.

Првиот пожар избувна во средата во шума во близина на Манавгат, во провинцијата Анталија, и се прошири во околните населени места.

Властите евакуираа десетици села поради ширењето на пожарите. Евакуиран е и хотел во туристичкото одморалиште Бодрум.

Во болница се примени 122 лица, претежно жители кои се загушиле во чадот и тројца кои се здобиле со изгореници. Под лекарски надзор се уште се 58 лица.

Повеќе од 4.000 пожарникари се обидоа да го стават огнот под контрола со помош на хеликоптери и авиони.

Руската амбасада денеска на Твитер објави дека три руски противпожарни авиони биле вклучени во гаснењето на пожарот.

Температурите од речиси 40 Целзиусови степени и ветерот што дува со брзина од 50 километри на час придонесе за ширење на огнот.

„Граѓаните кои претрпеа штета во пожарот ќе ја добијат целата неопходна помош”, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, притоа најавувајќи истрага за пожарите.

Министерот за животна средина Мурат Курум истакна дека се мобилизираните државни средства.

Видео на денот