Три фирми се јавија за надзор на автопатиштата, откако тендерот беше поништен поради компанија со руско влијание

Понудите од тендерот за избор на фирмата што треба да врши надзор над изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10 во земјава беа отворени денеска во Јавното претпријатие за државни патишта. Пристигнати се понуди од компанијата „INGEROP CONSEIL ET INGENIERIE“ која конкурира со 1.106.040.600 денари (околу 18 милиони евра), друштвото „IRD ENGINEERING“ со понуда од 1.374.304.070 денари (околу 22,4 милиони евра), како и „ХИЛ ИНТЕРНАЦИОНАЛ“, со понуда од 1.533.721.722 денари.
По отворањето на понудите, следува постапка за нивна евалуација и по разгледување на документацијата и комплетноста на понудите, во рок од 40 дена ќе се изврши изборот на најдобриот понуден квалитет и понудена цена.
Првиот тендер за избор на надзорот за овој проект пропадна откако избраната компанија од Хрватска, за која вицепремиерот Артан Груби подоцна тврдеше дека била во сопственост на бизнисмени поврзани со руските власти, не ја достави банкарската гаранција.
За изградба на новите автопати Владата минатата година потпиша меморандум со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“, по што Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот.
Градежните машини и работници на „Бехтел-Енка” ќе работат на четирите делници на Коридорите 8 и 10, а се очекува работите да започнат наредната година. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски претходно изјави дека прва и најлесна делница од аспект на експропријација на земјиштетото е Гостивар-Кичево, а се очекува најдолго да трае постапката за делницата Требеништа-Струга-Ќафасан, за која државата ќе мора да добие и мислење од УНЕСКО, бидејќи трасата поминува покрај Охридското езеро.