Три децении од мечот во Бари: Пехарот што мирисаше на барут

Дарко Панчев ја мести топката на белата точка. Срцето на околу триесет илјади навивачи на Црвена звезда е во петици, стега, ќе препукне… Некои мижат, други се крстат и се молат, трети прегрнале прво што им се нашло до нив…

„Кобрата“, како што го дал Господ, тргнува кон топката со дрскост и ладнокрвност што го красеше целата негова кариера. Чиниш не станува збор за решавачки удар од белата точка што треба на „црвено-белите“ да им ја донесе првата европска титула што воопшто ја освоил еден југословенски клуб. Голманот на Олимпик Марсеј од спротивната страна, Паскал Олмета, е последната пречка пред остварувањето на сонот на многу генерации. Уште од последното финале на Партизан, во Брисел, 1966, кога славеше Реал.

Стојмановски и дел од малата група Македонци пред стадионот во Бари

Даре прво убаво ја мести топката, зема неколку чекори залет, Олмета останува како закопан, а топката завршува во спротивниот агол за конечни 5-3 на пенали. Вулкан избива на „звездината“ трибина, за разлика од спротивниот крај, меѓу побројните француски навивачи. Деветката на Звезда со високо кренати раце тргнува во прегратките на своите соиграчи Најдоски, Савиќевиќ, Просинечки, Белодедиќ, Стојановиќ, Биниќ, Михајловиќ, Шабанаџовиќ, Југовиќ, Маровиќ…

Меѓу првите што доаѓа да им честита од спротивниот табор е поранешниот соиграч на црвено-белите, Драган Стојковиќ – Пикси, кој само една година претходно замина во Франција. Аморос, Мозер, Пеле, Водл, Папен…свенати, со главите межу дланките… Боли облеан во солзи. Педесет илјади навивачи од Марсеј замолкнати, како и во текот на натпреварот, кој траеше 120 минути заедно со продолженијата, но без посериозни шанси за двете екипи, а камо ли голови. Тренерите Љупко Петровиќ и Рајмонд Гуталс знаеја дека влогот е преголем и не ризикуваа. На Звезда ѝ се исплати. Заслужено, по маестралната полуфинална победа против Баерн среде Минхен и среќното реми во реваншот во Белград против Баварците. Само вторпат еден тим од зад „железната завеса“, по романска Стеауа, успеа да им ги замрси сметките на фудбалските гиганти.

Како вчера да беше. Така изгледа секогаш кога станува збор за моменти длабоко вкоренети во колективното, а камо ли во моето паметење. Тој 29 мај 1991 година, Звезда стана европски првак на „Сан Николо“, велелепниот стадион изграден за Светското првенство што една година претходно се одржа во Италија.

Пред стадионот во Бари

Секој детаљ како да е длабоко врежан во сивата маса. Неколку стотици среќници од Македонија имаа чест да бидат сведоци на доделувањето на пехарот на нашите фудбалски легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски. Меѓу нив и јас, тогаш како новинар во дневниот весник „Вечер“. Едната група патуваше цела ноќ со траект од црногорското пристаниште Бар до италијанското во Бари, а другата стаса со авион, преку Белград. Атмосферата беше од една страна славеничка, но од друга страна морничава. Шајкачите на српските националисти во навивачката група „делије“ и нивната песна „Од Тополе, па до Равне Горе, све су страже џенерала Драже“ звучеа како повик за војна. Мирисот на барутот веќе се чувствуваше во воздухот, затоа што неполн месец потоа Хрватска и Словенија прогласија независност.

Можеби 50 чартери-лета летаа таа ноќ кон Сурчин. Како да не постоеше царинска контрола, зашто шишињата виски и црвено-белите вувузели (тогаш не се викаа така, но пластичните труби дефинитивно без вувузели) беа влезницата за авионот. Беше страшно да се провоцираат алкохолизираните „делии“ кои се чувствуваа семоќно во тие моменти. Обидите на стјуардесите да бидат љубезни, опоменувајќи ги да седнат додека полета авионот беа смешни. Се прекрстуваш и си велиш: да стигнеме живи и здрави во Белград.

Наредното утро сите весници на насловнит страници објавија наслови и фотографии од Бари. Европските шампиони ја продолжија приказната и во декември 1991, кога го кренаат пехарот од Интерконтиненталниот куп… Сепак, тој од Бари многу повеќе се памети. Затоа што можеби беше последната колективна радост во нашата поранешна заедничка држава.

(репринт на текстот објавен пред неколку години во порталот „Спортмедиа“)

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот