Трговската размена со Црна Гора ќе се подобрува инфраструктурно – Слободен печат
ВестиЕкономија

Трговската размена со Црна Гора ќе се подобрува инфраструктурно

На средбата помеѓу  вицепремиерите Анѓушев и Симовиќ и министерот Николовски, беа споделени информации во делот на мерките коишто двете држави ги преземаат за економскиот развој.

Во рамки на официјалната посета на Црна Гора, предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во склоп на којашто ќе се одржи  првата заедничка седница меѓу владите на двете земји, денеска заменик -претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, имаа билатерална средба со вицепремиерот за економски прашања и министер за земјоделство на Република Црна Гора, Милутин Симовиќ и министерката за економија Драгица Секулиќ.

Билатерална средба имаа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со црногорскиот министер за сообраќај и поморство, Осман Нурковиќ.

На средбата помеѓу  вицепремиерите Анѓушев и Симовиќ и министерот Николовски, беа споделени информации во делот на мерките коишто двете држави ги преземаат за економскиот развој, но и за политичките случувања. Министерот Симовиќ и честиташе на македонската делегација за изборот на нов Претседател на државата, како и за решавањето на спорот со името, како клучен чекор за иднината на државата во делот на евроинтеграцискиот процес, обезбедувањето стабилност за целиот регион и развој на економијата.

Трговската размена помеѓу двете држави бележи благ пораст, поради што вицепремиерите и министрите се согласија дека двете држави треба заеднички да работат на зголемување на трговијата. Посебен акцент беше ставен на зголемување на извозот на македонски земјоделски производи особено во летниот период кога започнува туристичката сезона во Црна Гора. Утрешниот бизнис форум претставува можност за поврзување и развивање на нови бизнис релации помеѓу македонските и црногорските компании, беше посочено на средбата.

Двете делегации потенцираа  дека подобрувањето на инфраструктурната поврзаност помеѓу двете држави е клучна за развојот на двете земји.

Вицепремиерите Анѓушев и Симовиќ, го отворија прашањето за воспоставување на директна авиолинија, со што земјите ќе бидат директно поврзани, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи во двете држави. Од црногорската делегација беше побарано да разменат искуства со Република Северна Македонија во делот на  привлекување на странски инвеститори за отворање на преработувачки капацитети.

Од друга страна, имајќи во предвид дека Црна Гора веќе ги има отпочнато преговорите со Европската унија, и од 35 поглавја 32 им се отворени, искуството на Црна Гора е добредојдено за евроинтеграциски процес на Република Северна Македонија, беше посочено од македонска страна.

Во делот на земјоделството министерот Симовиќ го потенцираше постигнатиот напредок на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ  во спроведувањето на ИПАРД програмата, а  беше посочена и одличната соработка помеѓу Платежните агенции на двете држави.

На билатералната средба помеѓу министрите Сугарески и Нурковиќ, беа презентирани инвестициите во транспортната инфраструктура и  инфраструктурните проекти што ги преземаат двете држави, а коишто се важни за економските развој на Република Северна Македонија и Црна Гора, но и за целиот регион.

Сугарески и Нурковиќ ја потврдија заложбата двете држави да бидат директно поврзани со авиолинија, што ќе придонесе за економскиот развој на државите.

Воедно министрите, го потенцираа значењето на инвестициите во железничкиот транспорт за целиот регион. Се согласија дека овој сообраќај треба да биде еден од приоритетите на двете држави, бидејќи во последниве години овој вид транспорт е во фокусот на интерес и на Европската унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close