Трговецот од Горњи Милановац и „Отворен Балкан“

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Искрено говорејќи,  можеби најголем бенефит од спроведувањето во пракса на оваа регионализација ќе има токму малата, централно поставена, а сепак северна, Македонија! И тоа само благодарение на итриот трговец (не од Солун), од Горњи Милановац.

Нема ни трошка сомнеж дека кога тројцата храбри лидери тргнале со идејата за регионално поврзување по принципот на „мал шенген“, тоа не го направиле од алтруизам кон другиот, туку пред сѐ, и над сѐ мислеле на бенефитот што ќе го имаат нивните земји и нивните народи. И во тоа нема ништо лошо. Секој мисли прво на себе.

Тоа, као важи особено за двајца од тројцата лидери, ако се има предвид дека имаат „багаж“ на државници со хегемонистички идеи, познати по својот патернализам за своите народи раширени на Балканот, со тенденции за национален експанзионизам и економска доминација.

Но, колку и да звучи контрадикторно, оваа иницијатива за регионализација не би била можна доколку зад неа не би застанале баш такви фигури. Замислете каква регионална соработка би имало со политичари- изолационисти. Па тие не би мрднале подалеку од своите граници, исплашени дека таму надвор е сето зло на светот со кој тие не можат да се соочат, а камо ли да пледираат соработка.

Но токму поради овие историски предрасуди кон овие „големи“ лидери, следеа и загрижените коментари дека од иницијативата „Отворен Балкан“, отворена ќе остане само малата Македонија, а „големите“ Албанија и Србија ќе се прошират и ќе го остварат својот сон да се „граничат“, едната со Бугарија, другата со Грција. И сето тоа по заслуга на „уметникот“ Рама и „вождот“ Вучиќ, а благодарение на неговата „наивност“, македонскиот премиер, Зоран Заев.

Колку неточно. Искрено говорејќи, (да не се сетат Власите!) можеби најголем бенефит од спроведувањето во пракса на оваа регионализација ќе има токму малата, централно поставена, а сепак северна, Македонија! И тоа само благодарение на итриот трговец (не од Солун), од Горњи Милановац.

Се сеќавате на интервјуто на З.З. за српски „Курир“ кога вели дека првите милиони ги заработил продавајќи суви пиперки во Србија! Овој човек има една „мана“ што се кажува апла. Тој уште тогаш ја објаснил идејата за „отворен Балкан“. Замислете колку земјоделци и денес сонуваат за тоа време, и дека едвај чекаат да се отвори регионалниот пазар за нашите македонски производи. „Ехх да може да се врати времето“, сигурно си велат. Епа З.З. сака да го врати тоа време, со како што вели „сто посто слободен пазар“. Истото важи и за пазарот на трудот, кога имало работна миграција од горе, надоле? Само обратно. Да не зборуваме за туризмот. Македонија, оваа северна, пак ќе добие „наше“ море, ама сега во Албанија! А таму е и Драч, пристаниште од особена важност за македонскиот бизнис.

За воља на вистината и останатите држави наоѓаат свој интерес во отворањето на вратите на земјите од регионот за влез на бизнисот и тоа веќе утре ќе се види. Математиките на Вучиќ се точни кога вели дека трговската размена драстично ќе се зголеми како и растот на БДП. Српските компании се на готовс за инвестиции во регионот.

Засега одредена непознаница е бизнис потенцијалот на Албанија, но и самиот премиер Рама нагласи дека Албанија е туристичка земја која очекува многу од развојот на туризмот и која во време на пандемијата одлично и парираше на Грција, па и на Црна Гора, и привлече значителен број српски и македонски туристи на своето крајбрежје.

За пофалба е што конечно лидерите на овие земји сфатиле дека мора да се здружат. Веројатно за да дојдат до оваа позиција минале низ одредена катарза на преиспитување како и со кого да се поврзат. Исток е далеку, Запад не ги запишува. Од друга страна, сите имаат по некој сосед со кој од икс причини не им оди работата. Угоре високо, надолу тврдо.
Единствената опција која била надежна е оваа сегашнава. И што е најважно не морале да измислуваат ништо ново, туку да го применат она што и онака ќе мораат да го направат кога ќе стигнат на патот по кој тргнале. Да ги применат ЕУ стандардите на заеднички пазар, слободен проток на капитал и работна сила.

Економскиот форум за регионална соработка заврши, а идејата „мал шенген“ номинално се трансформираше во „Отворен Балкан“, суптилно парирајќи и на излитената синтагма Западен Балкан по која земјите од европскиот Запад не препознаваат.
Посуштинско од самото име на оваа иницијатива е дека таа не згасна, туку добива на содржина и интензитет. При тоа очигледно е дека трите основоположници на иницијативата за економско регионално поврзување се зацврстуваат како лидери во тој регион. Од собир до собир стануваат сѐ посвесни за потребата од наоѓање „модус вивенди“ за идната соработка, свесни како за историското минато, така и за актуелната политичка реалност која ги обременува однсоите меѓу нив и билатерално, но и мултилатерално. Па сепак смогнуваат храброст да се соочат со своите „демони“ и како по книга да ги надминуваат конфликтите тргнувајќи од она што е најлесно за реализација па постепено да одат нагоре кон посложени економски и политички асоцирања.

Она што е важно е што бараат баланс кој нема да доведе до судир на интересите, туку спрега што ќе ги динамизира. Ништо поразлични не се ниту односите на земјите членки на ЕУ, ниту сега, ниту пак биле кога таа е основана како ЕЕЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот