„Тргни-застани“ бизнис меѓу Скопје и Софија

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Економските односи меѓу Македонија и Бугарија варираат од куртоазна љубезност до намерна запоставеност, во зависност од актуелната политика.

Не помина ни еден месец од оптимистичките прогнози за достигнување една милијарда евра во македонско-бугарската размена, а веќе стигна суптилната закана од бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков дека може да бидат суспендирани заедничките проекти со Македонија. Економските односи меѓу двата соседи низ годиниве варираат од куртоазна љубезност до намерна запоставеност, но инцидентот „Пендиков“, ја подигна затегнатоста на повисоко ниво со најавите дека е можно Бугарија да го врати ветото?! „Цинизам е да се дискутира за проекти за еколошка патека во Македонија, додека Пендиков лежи во болница. Може да стопираме и други меѓувладини проекти“, ќе рече Милков пред бугарските пратеници.

Кога лани во декември на македонско-бугарскиот бизнис-форум во Скопје се пофалија дека има можност за уште поголема економска соработка, шефовите на дипломатиите на двете земји заборавија колку малку треба да се срушат посакуваните проекции. Од потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година досега, бизнисмените се обидуваат да ја занемарат политиката. И тоа, повеќе или помалку, им успева. Последните статистички податоци ја издигнаа Бугарија како петти по големина трговски партнер на Македонија. За 11 месеци, лани, размената меѓу двете земји достигнала 950 милиони евра, што е за 42,2 отсто повеќе од истиот период во 2021 година. Притоа, увозот од Бугарија во Македонија растел многу повеќе отколку извозот кон нашиот источен сосед. Релативниот мир на политички план се покажува и низ податокот дека во последниве две години, размената е речиси удвоена. Добри се и податоците за инвестициите од Бугарија во Македонија, кои во 2021 година стасале до речиси 250 милиони евра. Активни се и македонските компании во Бугарија, каде што исто така има инвестиции, претежно во прехранбената индустрија и туризмот.

Речиси секоја порака на европските функционери кога е во прашање нашата интеграција во ЕУ, почнува и завршува со совет дека е најважна соработката со соседите. Но неколкуте стотина километри што нè делат со Бугарија, не може да се поминат речиси три децении. Да, за пругата станува збор. Во земјава не остана ниту еден позначаен функционер, кој во својата колекција нема фотографија покрај камен-темелник на овој дел од Коридорот 8.  Бугарија речиси го заврши својот дел од пругата, но не и Македонија. Автопатот до бугарската граница е, исто така, приказна за себе, а онака како што почнаа, така и завршија напорите за поголем економски пробив и со воспоставување на авиолинијата меѓу Софија и Скопје. Авиоповрзувањето меѓу двете земји беше со краток здив, наводно поради економски причини. Дали и инфраструктурните проекти ќе станат колатерална штета на влошените политички односи? Дотолку повеќе што нè очекува изградбата на втората делница Бељаковце – Крива Паланка, а за третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија, веќе се затвора финансиската конструкција и изградбата се планира да заврши до 2029 година. Со заем од Светска банка се работи на проектот за надградба и развој на патната делница Ранковце – Крива Паланка, а со средства од ЕБОР и инвестициски грант од ВБИФ и на патната делница Крива Паланка – Деве Баир.

Бизнисмените апелираат политиката да се тргне настрана, особено во време на светска економско-енергетска криза. Затоа и не е добра изјавата на  бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов дека Македонија добива гас единствено преку Бугарија. Во контекст на енергетиката, Бугарија подолг период како да става „песок во запчаникот“ на земјава во приклучувањето на терминалот Александрополис, кој би ни го диверзифицирал снабдувањето со природен гас.

Светот во 21 век ги брише границите, особено економските. А наместо со источниот сосед да поттикнуваме нови можности за соработка, некој упорно се труди да не ги препознае и да ги употреби бизнисите за да ги оствари своите политички цели. Говорејќи пред 150 македонски и бугарски бизнисмени во Скопје, министерот Милков рече дека позитивните тенденции во нашите билатерални односи, особено во економските односи не се воопшто малку, но за жал тие како да остануваат малку настрана од фокусот на општеството. Да се надеваме дека економската соработка ќе остане имуна на притисоците и дури можеби ќе остане последниот мост, кој ќе ги држи двете страни на иста „бранова должина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот