Тргнете ги рацете од теквондистот

Имам чувство дека уште пред да слета Георгиевски на аеродромот, политичките птици-грабливки ќе ги „пуштат“ своите канџи по пленот.

Денот по утрото се познаваше во земјата на изгрејсонцето во тие мугри на 27 јули 2021 (патем, 38-ми роденден на Горан Пандев, уште една спортска легенда што ни го разубави ова лето). Сите што се разбудија порано за да видат на ТВ-екраните колку бил сериозен теквондистот Дејан Георгиевски, кога, „мртов ладен“ изјавуваше, заедно со тренерот дека патува на Игрите во Токио за да освои медал, убаво мораа да ги протријат очите за да поверуваат. Георгиевски водеше со 10-3 уште по првите две рунди против двојниот светски првак, Кубанецот Рафаел Алба Кастилјо. Ова 22-годишно момче што претходно го спречи и актуелниот шампион од Азербејџан, Радик Исаев, да го брани врвот на спортскиот Олимп, со тоа што го елиминира во борбата за обезбедување норма, не само нам, и на идните противници им покажа дека не се шегува кога високо ќе замавне со ногата во воздухот. Патот до медалот му беше отворен, иако мораше да се соочи и со противник од лулката на теквондото – Кореец. Не го освои златото, но во „Париз 2024“ ќе има 25, а во „Лос Анџелес 2028“ ќе биде во полна зрелост – 29 години за да го слушне и интонирањето на химната од олимпискиот трон.

Македонија чекаше 21 година за да стаса до нов олимписки медал, по тој на Могамед Ибрагимов од „Сиднеј 2000“. Настан што заслужува достоинствен пречек на носителот на олимписко сребро. Но имам чувство дека уште пред да слета на скопскиот аеродром, партиските птици-грабливки ќе ги „пуштат“ своите канџи по пленот. Присвојувањето на неговиот успех од разни политички ботови е само продолжение на  класичната злоупотреба на една од ретките убави нешта во животот – спортот. Составен дел од нашите животи кој по дефиниција треба да остане неизвалкан од политичките пи-ар служби, колку да е тоа тешко остварливо.

Државното раководство треба да им оддаде почит на спортските амбасадори во знак на благодарност за нивната пожртвуваност, патриотизам, храброст да се влезе во костец со противници кои имаат многу поголеми буџети на располагање, подобра логистика, што се претставници на големи, милионски нации. Но освен вообичаениот протокол за прием на славодобитниците, освен телеграма со честитка, во поново време твит или фејсбук-статус, сè друго може да се подведе под политичка злоупотреба на спортот што е забранета и со правилата на Меѓународниот олимписки комитет.

Многу му се допадна завчерашната сцена од основното училиште „Климент Охридски“ во скопската населба Бутел. Таму беа собрани најблиските на лавроносецот за да го проследат во живо настапот на Деки, како што само тие имаат право да го нарекуваат, зашто беа постојано покрај него на патот кон успехот, испреплетен и со скршеница на нога, несвестица од удари на некои тешки натпревари (тоа е ризикот на овој контакт-спорт) и сите други премрежиња на Георгиевски. Медалот беше прославен „во кругот на семејството“.

Знам дека на медалистот ќе му значи да биде пречекан во земјава како вистински херој. Ако беа организирана прослави за сите позначајни спортски успеси, таква привилегија заслужува и тој. И неговиот тренер Борче Костовски, најзначајната алка во неговата кариера, се надева дека тоа ќе се случи. Но на тој празник на спортот не смее да има ниедна политичка фигура, било од власта, било од опозицијата, колку и да се чувствуваат заслужни и едните и другите. Успехот е само на Георгиевски и стручниот штаб и секое фотографирање на ликови од кои не можеме глава да кренеме од нивното секојдневно присуство во медиумите, ќе биде сквернавење и китење со туѓи перје.

Тајмингот е како создаден за политичка злоупотреба и на овој медал, зашто сме на прагот на прославата на тридецениската независност и на кампањата за локални избори. Сепак, и едните и другите треба да сфатат дека е веќе одвратно да се возиш во отворен автобусот што поминува покрај шпалирот со луѓе. И тоа е премногу, а камоли да се минува под озлогласената Триумфална капија. Портата на триумфот на Георгиевски беше салата Макухари во Токио. Tие што сакаат да стават рака врз неговиот медал треба да ги тргнат канџите од теквондистот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот