Третото издание на филмскиот фестивал „Филмај“ ќе се одржи во Куманово

Во организација на Фото-кино клуб „Козјак“ – Куманово, на 26 септември ќе се одржи третото издание на Меѓународниот фестивал на кратoк филм „Филмај 2021“. Изданието беше најавено за 10 септември, но поради деновите на жалост по огнената трагедија во Тетово организаторите го објавија новиот термин.

На фестивалот ќе бидат прикажани десет кратки филмови, кои се наградени за режија, кинематографија, сценарио, а од годинава официјално се доделува и награда за најдобар македонски филм.

На фестивалската програма се иранскиот филм „Посета“, награда „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија, филмот „Лека ноќ“ од Гана, добитник на наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра кинематографија, и „Сведок“ (Иран), награда „Козјак“ за најдобро сценарио. Македонскиот краток филм „Неонски срца“ во режија на Ана Јакимска е добитник на наградата за најдобар македонски (домашен) филм.

Жирито што одлучи за наградите е во состав: Лидија Мојсовска (режисер/ сценарист), Наум Доксевски (кинематографер) и Дејан Ангеловски (фотограф).

На фестивалот ќе бидат прикажани и филмовите „Нимиц“, „Кога танцувам, светот трепери“, „Добро, благодарам. Ти?“, „Бонобо“ и „Тивкоста на реката“. Заедно со наградените и официјално селектирани филмови, ќе биде прикажан и краткиот филм „Околу нас“ по сценарио и режија на Стефан Павличек.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот