Трето полувреме

Македонскиот тим на Евро 2020 има хемија, неговите индивидуалци добра „физика“, другото е само техника. На крајот ќе остане тактиката на стручниот тим од клупата како глазура.

На Европското првенство што штотуку почна се отвора нова страница од македонската фудбалска историска читанка. Утре, на Националната арена во Букурешт, од грлата на репрезентите на Македонија со сонце на дресовите ќе одекне „Денес над Македонија се раѓа, ново сонце…“.

Никогаш македонската јавност немала толкави очекувања од фудбалската репрезентација. Веднаш по пласманот на ЕП, колегите од странство ме опсипаа со прашања, некои и од типот – како ќе избегнете катастрофа како дебитанти на Евро 2020? Како одговор за светски познатиот магазин „Ворлд сокер“, понудив текст уште во јануари со наслов „Опасни аутсајдери“ (мораше тогаш да биде испратен поради роковите за печатење на специјалното издание). Потврдата дека сум во право стаса во март, кога се случи „чудото во Дуизбург“: Германија по 20 години на домашен терен загуби во квалификациски натпревар. Од аутсајдерот Македонија!

Изборот на Игор Ангеловски од Македонци, Албанци, Турчин, Влав, меѓу нив и играчи со македонско потекло кои дури имаат потешкотија со јазикот (што пак го прави составот „интернационален“), тој амалгам е есенцијата на успехот. Факторот икс кој реши многу непознати се потпираше на принципот на меѓусебно почитување, она што недостига во нашето општество. Ова сплотено „семејството“ на Мрме сега е добредојдено во секој македонски дом преку ТВ-екраните. Ќе донесе радост или тага, сеедно. Важно е да нè направат горди, како што нè направија во ноември минатата година.

Некогашната детска палавост на умот која шеташе по ходниците на мечтите на овие фудбалери дека можеби еден ден ќе „везат“ пред очите на светот денес е јаве. Димитриевски, Ристовски, Алиоски, Муслиу, Велковски, Адеми, Барди, Николов, Елмас…, поточно сите 25 следбеници на Горан Пандев, се реални затоа што како Че Гевара веруваа во невозможното. Не случајно најискусниот во репрезентацијата, кому некои од нив му се обраќаат и со „бате Горан“, рече дека менталитетот на овој тим не е балкански, туку европски! Тој зацртан проект почна пред пет и пол години, со укажаната доверба на новоназначениот селектор кон тогаш презаситениот Пандев, на што капитенот возврати со уште поголема доверба. Под неимарството на овој двоец, денес тимот има хемија, а неговите индивидуалци добра „физика“. Другото е само техника. На крајот ќе остане тактиката, односно  глазурата на стручниот тим од клупата.

Македонскиот фудбал не е без корен. Континуитетот на себедокажување на македонските фудбалски преродбеници почна да се гради одамна, но Благоја Видиниќ беше првиот дебармаалски ркулец од кој изникна дрвото со македонски успеси со топката. Грандиозниот голман освои сребрен медал на Купот на нациите во 1960 година, денешно Европско првенство, како член на југословенската репрезентација (имаше и злато и сребро од олимписките игри во 1956 и 1960 година). Се редеа Купот на Маршалот Тито на Вардар од 1961, настапите за Југославија на Методија Спасовски, Мутибариќ, Дојчиновски во 70-тите, вардаровата титула (подоцна судски одземена) од 1987, учеството на Панчев и Вујадин Станојковиќ на мундијалот во Италија 1990… Во 80-тите се формираше златната вардарова генерација, која беше костур на првата македонска репрезентација, а најѕвездените моменти блеснаа кога Панчев и Илија Најдоски ги кренаа пехарите за европски и светски првак во 1991 година. Тој пат го продолжи и Пандев како знаменосец покрај пехарот од Лигата на шампионите, освоен со милански Интер во 2010 година. Единствен позначаен успех оттогаш на меѓународна сцена е пласманот на Вардар во Лигата на Европа во сезоната 2018/19.

Ако ги проанализирате профилите на споменативе фудбалери, најмалиот заеднички содржател на сите е пркосот. Пркосот не е инает, пркосот е гордост, отпор, желба за докажување. Што значи пркос, најдобро знаат сведоците на головите на Панчев, постигнати во 1992 година на стадионот „Караискаки“ во Атина, по инцидентот во кој пограничните служби се обидоа да ѝ забранaт влез на „златната копачка“ во Грција. Во тој чувствителен период блокадите ги раздвојуваа двете земји.

Денес се соочуваме со нови блокади, од еден друг сосед. Ќе се разбуди ли одново пркосот во најновото македонско „трето полувреме“?

Видео на денот