Третмани во мешана дентиција: Период што ја опфаќа возраста од шест до 12 години

Фото: Unspash/Profimedia/Приватна архива

Периодот на мешана дентиција е доста сложен и динамичен период. Тој ја опфаќа возраста од шест до 12 години, при што настанува смена на млечната со трајна дентиција. Забите од трајната дентиција се значително поголеми од млечните запчиња и затоа е многу важно тој период да биде следен и од страна на стоматолог и од страна на ортодонт. Во тој период е често присутен кариесот на млечните заби, а од исклучителна важност е трајното забало да остане здраво. Затоа се преземаат сите превентивни мерки, од едукација за правилно и редовно чистење на забите, редовни прегледи и залевање на фисурите на трајните молари.

Првите трајни молари се и столбови на правилната оклузија. Нивната важност е многу значајна од аспект на џвакање и функција. Со нивното никнување настанува и подигнување на загризот, така што доаѓа до формирање на нормални вертикални димензии.

Појавата на дијастеми (празнини) меѓу забите е нормална појава за тој период и е многу важна. Таа настанува како резултат на растење на вилиците, при што се овозможува создавање на доволно простор за правилно никнување и поставување на новите, трајни заби.

Дали се правилно поставени и наредени забите во тој период е процена и работа на ортодонтот. Преку преглед и соодветни ортодонтски анализи, се одредува како се поставени забите и дали е потребно тераписки мерки, односно носење на ортодонтско апаратче. Каков вид на ортодонтски апаратче ќе се примени, зависи од типот на аномалијата. Доколку има збиеност на забите односно тескоба, потребно е ширење на вилиците. При отворен и длабок загриз, потребно е да се носат апаратчиња кои ќе овозможат воспоставување на соодветно, нормално преклопување на забите. При појава на прогенија (истурање нанапред, најчесто на долната вилица), потребно е внимателно следење на пациентот и терапијата во ваквите случаи може да започне уште од најрана возраст. Некогаш се потребни и соодветни миофункционални вежби кои што ќе придонесат за правилно да се насочи растот.

Носењето ортодонтски апаратчиња има за цел да го отстрани причинителот и да овозможи правилен раст. Затоа е потребно убаво да му се објасни на детето и да го прифати нивното носење редовно.

Доктор Илија Караманов, стоматолог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот