Третата доза ќе штити и од лукавиот омикрон

вакцина ковид израел
Вакцинација против ковид-19 во Израел / Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Доктор Мајк Рајан од Светската здравствена организација потврди дека бил забележан „значителен пад во ефикасноста“ на антителата создадени од вакцината на „Фајзер“, но и дека омикрон „не е ништо поспособен од претходните соеви“.

Првичните резултати од истражувања во Јужна Африка укажуваат на намалена ефикасност на вакцините против омикрон, но вакцинираните лица, особено ако примат и трета засилувачка доза, би требало да се заштитени од тешки форми на ковид-19.

Доктор Мајк Рајан од Светската здравствена организација потврди дека бил забележан „значителен пад во ефикасноста“ на антителата создадени од вакцината на „Фајзер“, но и дека омикрон „не е ништо поспособен од претходните соеви“.

– Имаме многу добри вакцини, кои се докажаа ефикасни против сите досегашни варијанти во спречување тешки форми на болеста и нужност за згрижувања во болница. Нема причина да не остане така и при заразувањата со омикрон – изјави Рајан, директор на одделението за итни ситуации во СЗО.

Првичните истражувања спроведени кај 12 луѓе во Јужна Африка, каде што омикрон се појави пред неколку недели, покажуваат дека вакцината на „Фајзер“ има 41 пат помала ефикасност против омикрон отколку кон оригиналниот сој на коронавирусот.

Но, професорот Алекс Сигал, виролог во Африканскиот институт за здравствени истражувања, вели дека омикрон „нема целосна способност“ да ги избегне антителата создадени од вакцините.

– Резултатите се подобри отколку што очекувавме – изјави професорот Сигал. Тој е убеден дека антителата создадени од две дози на „Фајзер“ кај лица што веќе биле инфицирани со некој од претходните соеви се доволно моќни за да го неутрализираат омикрон и оцени дека примањето засилувачка трета доза од вакцините може да биде од „значителна полза“.

При истражувањето било утврдено дека омикрон бил целосно неутрализиран кај петмина од шесте лица што примиле две дози на вакцина и воедно претходно прележале ковид-19. Не биле тестирано дејството на омикрон кај лица што примиле и засилувачка доза, зашто таа сѐ уште не е достапна во Јужна Африка.

Експертите укажуваат дека ова се првични резултати и се однесуваат само за ефикасноста на антителата. Нема податоци каква е реакцијата на другите заштитни механизми поттикнати од вакцините, како т-клетките.

Омикрон е досега најмутираниот сој на коронавирусот САРС-КоВ-2. Водечкиот американски експерт за заразни болести, доктор Ентони Фаучи, завчера оцени дека омикрон е значително позаразен од другите соеви, но и предизвикува поблага форма на болеста. Тој додаде дека САД спроведуваат свои тестови за ефикасноста на вакцините и дека првичните резултати се очекуваат идната недела.

Кога на 26 ноември го прогласи новиот сој за „загрижувачки“ и му даде буква од грчката азбука, Светската здравствена организација објави и дека „нема докази што би ја поддржале потребата за развој на нови вакцини, специјално дизајнирани против омикрон“. СЗО завчера објави дека сојот омикрон веќе е потврден во 57 земји во сите шест региони.

Видео на денот